Во Киевската област денеска е прогласен Ден на жалост по масовниот руски ракетен и дронски напад во кој загинаа 17 лица, а најмалку 45 се повредени.
Одлуката ја соопшти шефот на Киевската регионална воена администрација, Тимур Ткаченко. Државните знамиња ќе бидат спуштени на половина копје, а забавните настани во регионот ќе бидат ограничени.
„Искрено сочувство до семејствата и пријателите на починатите“, порача Ткаченко, оценувајќи дека нападот бил насочен кон цивилното население и инфраструктурата.
Киев и околниот регион во текот на ноќта кон 5 август беа погодени со балистички и крстосувачки ракети и со повеќе од сто беспилотни летала. Украинската противвоздушна одбрана соборила најголем дел од дроновите, но не успеала да пресретне ниту една од 24-те балистички и четирите ракети „Циркон“, соопштија украинските власти.
Во нападите биле погодени магацини, производствени и логистички објекти, приватни куќи, железничка инфраструктура и десетици возила. Најголем број жртви биле регистрирани во реонот на Бровари, а погодени биле и областите Буча и Фастив.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски повторно побара побрза испорака на системи и ракети за противвоздушна одбрана, наведувајќи дека балистичките пресретнувачи можеле да спасат човечки животи.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека цели на нападите биле седум логистички центри што, според Москва, се користеле за складирање воена опрема, компоненти за дронови и стока со двојна намена.
