Музичко-сценскиот спектакл „Силно светнал ден“, посветен на 35 години од независноста на Македонија, на 9 август ќе биде изведен во Античкиот театар во Охрид.
Во програмата ќе учествуваат околу 120 музичари, актери и други уметници, а македонските музички хитови ќе бидат споени со стихови од Блаже Конески, Ацо Шопов, Анте Поповски и други македонски поети.
Музичкиот дел ќе биде поделен во повеќе тематски целини, со песни посветени на Тоше Проески, македонска поп-музика и етно-звуци. Домаќини на спектаклот ќе бидат Игор Џамбазов и Драгана Ливринска.
Организаторите најавуваат дека проектот, покрај забавниот дел, треба да им ги доближи македонската култура, литература и историја на помладите генерации.
По настапот во Охрид, музичко-сценскиот караван ќе продолжи во уште десет градови низ Македонија, а завршниот концерт е закажан за 4 септември во Скопје.
Спектаклот е дел од програмата за одбележување 35 години независност, која опфаќа повеќе културни настани во различни градови во периодот од јули до септември.
