Естонија е прогласена за најдобра земја за преселување и живеење во 2026 година според Глобалниот индекс за релокација на компанијата „Румави“, кој опфаќа 192 земји. Балтичката држава го освои првото место со 72,8 од можни 100 поени.
Индексот оценува 24 показатели поделени во четири области: финансии и даноци, квалитет на живот и здравство, безбедност и стабилност, како и услови за приспособување и деловен развој. При изработката се користат податоци од Светската банка, Светската здравствена организација, ОЕЦД, Обединетите нации и други меѓународни извори, дополнети со процени на авторите на индексот.
Естонија добила највисоки оценки за банкарскиот систем и валутата, деловните можности, дигиталната инфраструктура, зелените површини и заштитата на имотните права на странските државјани. Послаба страна е климата, која е оценета со 20 од 100 поени поради долгите, студени и темни зими.
На второто место е Сингапур со 72,6 поени, а на третото Малезија со 72 поени. Во првите десет се и Португалија, Тајван, Литванија, Хонгконг, Сент Китс и Невис, Чешка и Малта.
Европа има пет претставници меѓу првите десет земји. Португалија е четврта, Литванија шеста, Чешка деветта, а Малта десетта.
Според посебните категории на индексот, Естонија е прва и за семејства, а се наоѓа на второто место за претприемачи, зад Сингапур. Малезија е најдобро рангирана за дигиталните номади, додека Португалија е меѓу најдобрите избори за пензионери и лица што работат од далечина.
Македонија е на 53. место со 65,3 поени, пред Ирска, Белгија, Србија, Италија и Грција, но зад Словенија, Црна Гора, Австрија и Германија.
Од „Румави“ нагласуваат дека рангирањето треба да се користи како почетна точка, а не како конечна препорака за преселување, бидејќи изборот зависи од личните приходи, семејните потреби, визите, даноците и приоритетите на секој поединец.
