Граѓаните на Скопје сè уште не ги добиле решенијата за данок на имот за 2026 година во хартиена форма, додека Град Скопје допрва бара оператор што ќе ги испечати, коверира и достави по пошта.
Јавниот оглас за поштенски услуги е објавен на 21 јули, а заинтересираните физички и правни лица можат да поднесуваат понуди до 20 август. Доколку постапката заврши успешно, хартиените решенија до граѓаните би можеле да стигнат дури во текот на есента.
Со набавката се бараат услуги за прием, сортирање, пренос и достава на обични и препорачани писма, преземање пратки од просториите на Градот, како и печатење и ковертирање на решенијата.
Проценетата вредност на договорот изнесува 13,5 милиони денари без ДДВ, односно околу 220.000 евра. Како критериум за избор е наведена најниската понудена цена, без електронска аукција.
Од Град Скопје претходно објасниле дека проблемот настанал откако АД „Пошта на Македонија“ ја укинала услугата за масовно ковертирање и достава, поради што наводно пропаднала претходната постапка. Градот најавил набавка на машина за печатење и ковертирање и контакти со десетте скопски општини за организирање на доставата.
Сепак, според податоците што ги проверил „Слободен печат“ во Електронскиот систем за јавни набавки, последниот оглас за поштенски услуги пред актуелниот бил објавен во ноември 2024 година. Поради тоа останува нејасно на која претходна тендерска постапка се однесува објаснувањето на Градот.
Град Скопје на 13 јули соопшти дека решенијата за данок на имот за 2026 година се изготвени и достапни преку електронскиот даночен портал. Преку него граѓаните можат да го преземат решението, да ги проверат обврските и да извршат електронско плаќање.
Електронскиот начин на достава, сепак, претставува проблем за дел од повозрасните граѓани кои немаат компјутер, кориснички профил или можност самостојно да го преземат решението. Тие мора да одат во даночните служби на Град Скопје за да добијат испечатен примерок.
На правните лица решенијата за фирмарина годинава им се доставуваат само електронски, додека хартиената достава за граѓаните ќе зависи од исходот на тендерот што завршува на 20 август.
