Матурантите годинава ја завршија јунската испитна сесија со просечна оценка 3,66, покажуваат конечните резултати по разгледувањето на поднесените приговори.
Најдобар успех постигнале учениците што полагале државна стручна матура, со просечна оценка 3,91. Просекот кај државната матура изнесува 3,62, додека учениците што полагале државна уметничка матура постигнале просек од 3,59.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска оцени дека резултатите се објективни и дека се речиси на исто ниво со минатата година, кога просечната оценка изнесувала 3,69. Во 2024 година матурантите постигнале значително понизок просек од 3,26.
За полагање на двата екстерни испити во јунската сесија биле пријавени 14.587 ученици. Од нив, 12.184 избрале државна матура, 2.276 државна стручна матура, а 127 ученици државна уметничка матура. На испитите не се појавиле 348 пријавени матуранти, односно 2,39 проценти.
Годинава за првпат матурата се спроведуваше според новиот концепт, со три различни видови испит. Гимназијалците полагаа државна матура, додека учениците од стручните и уметничките училишта можеа да изберат меѓу државна и стручна, односно уметничка матура, во зависност од плановите за понатамошно образование.
Најголем интерес имало за англискиот јазик, кој го избрале 13.208 ученици. Во зависност од видот на матурата, матурантите можеле да полагаат и математика, германски, француски, руски или италијански јазик, додека кај уметничката матура меѓу изборните предмети била и историјата.
Резултатите се конечни по завршувањето на постапката за поднесување и разгледување на приговорите.
