Украински беспилотни летала погодија две големи руски рафинерии оддалечени стотици километри од украинската граница, соопшти претседателот Володимир Зеленски.
Станува збор за рафинеријата „Славнефт-Јанос“ во Јарославската област и „Башнефт-Новоил“ во Уфа, главниот град на Башкортостан. Првата се наоѓа на околу 700 километри од украинската граница, додека постројката во Башкортостан е повеќе од 1.300 километри зад линијата на фронтот.
По нападот над рафинеријата во Јарослав се издигнувале повеќе столбови црн чад. Регионалниот гувернер Михаил Евраев соопшти дека областа била цел на најмасовниот напад со беспилотни летала досега и тврди дека противвоздушната одбрана и системите за електронско војување уништиле 88 дронови. Според него, нема загинати или повредени, но биле оштетени куќи, станови и возила.
„Славнефт-Јанос“ е меѓу петте најголеми рафинерии во Русија и преработува околу 15 милиони тони сурова нафта годишно. Постројката произведува бензин, дизел, авионско гориво, масла и битумен за централните руски региони.
„Башнефт-Новоил“ е дел од големиот нафтено-преработувачки комплекс во Уфа, каде што се наоѓаат неколку постројки во сопственост на „Роснефт“. Засега нема независна процена за обемот на штетата и нема потврда дека двете рафинерии се целосно уништени.
Зеленски изјави дека нападите имаат цел да ги ограничат приходите од нафта што Русија ги користи за финансирање на војната.
„Нашите санкции со долг дострел повторно доведоа до ограничување на руските приходи од нафта. Русија мора да избере мир“, порача Зеленски.
Руското Министерство за одбрана тврди дека во текот на ноќта противвоздушната одбрана пресретнала и уништила вкупно 605 украински беспилотни летала над повеќе руски региони. Москва не објави детална процена за оштетувањата во двете рафинерии.
