Онколошките пациенти: Не бараме привилегии, терапијата мора да биде навремена

ФОТО: Слободен печат – Методи Здравев

Онколошки пациенти денеска протестираа пред Министерството за здравство поради повторливите прекини во снабдувањето со терапија на Клиниката за онкологија. Тие побараа системско решение што ќе обезбеди лековите да бидат достапни без застои и неизвесност.

Од групата „Пеперутки“ порачаа дека пациентите не бараат привилегии, туку навремена и континуирана терапија. Според нив, секое доцнење создава страв и револт кај луѓето чие лекување зависи од редовното примање на пропишаните лекови.

Претставниците на групата информираа дека актуелниот недостиг во меѓувреме почнал да се надминува. Дел од терапијата веќе пристигнал, а останатите количини се очекуваат во следните денови. На Клиниката најчесто недостасувале „Фулвестрант“ и „Золадекс“, а овојпат имало прекин и во снабдувањето со дел од цитостатиците од позитивната листа.

Пациентите најавија дека при евентуален нов застој ќе побараат прецизно да се утврди каде настанува проблемот, дали во институциите, постапките за набавка или кај дистрибутерите и веледрогериите. Тие бараат подобро планирање на потребните количини, поефикасни набавки и сигурна дистрибуција до Клиниката.

Од „Пеперутки“ ги повикаа медиумите, политичките партии и граѓаните да не ги користат онколошките пациенти во дневнополитички пресметки. Според групата, недостигот од лекови не е проблем на една влада или еден министер, туку долгогодишен системски проблем што бара трајно решение.

На протестот беше посочено и дека Македонија има недоволно развиени превентивни и скрининг-програми. Пациентите побараа долгорочна национална стратегија за борба против ракот, бидејќи без навремено откривање ќе продолжат да растат и бројот на заболени и трошоците за нивното лекување.

Од групата нагласија дека нивната цел не е да утврдуваат политичка вина, туку да издејствуваат систем во кој ниту еден пациент нема да остане без пропишаната терапија.

Најчитано