Милан Радоичиќ, поранешниот потпретседател на Српска листа и човекот кој ја презеде одговорноста за вооружената група во Бањска во 2023 година, се наоѓа и меѓу 20-те лица обвинети за воени злосторства врз цивили во Ѓаковица, објави Радио Слободна Европа.
Специјалното обвинителство на Косово во четвртокот поднесе обвинение против 20 лица за злосторства извршени во 1998 и 1999 година. Во официјалното соопштение обвинетите се наведени само со иницијали, но РСЕ објави дека меѓу нив е и Радоичиќ.
Според обвинението, групата се товари за учество во широка воено-полициска операција во која биле убиени 107 албански цивили. Обвинителството тврди дека жените и децата биле одвојувани од мажите, дека им биле одземани пари и накит, а мажите биле убивани во куќи, дворови и кај локацијата позната како мостот Талиќи. По убиствата, дел од куќите биле запалени.
Тројца од обвинетите, според обвинителството, имале командни функции во српските полициски и воени структури, а останатите се товарат како припадници на тие единици. Обвинителството побара постапката да се води во нивно отсуство.
Радоичиќ и претходно беше опфатен со истрага за настаните во Ѓаковица. Во април 2025 година беше издаден налог за негово апсење и за уште 19 лица поради сомнение за убиства извршени од 7 до 10 мај 1999 година. Во тој предмет се споменуваат 106 убиени цивили, чии тела подоцна биле пронајдени во масовна гробница во Батајница во Србија, како и повеќе од 300 цивили кои, според обвинителството, биле приведени и држени во импровизирани затвори.
Новото обвинение е уште еден предмет против Радоичиќ пред косовското правосудство. Тој е обвинет и во случајот за нападот во Бањска во септември 2023 година, кога загина косовскиот полицаец Африм Буњаку и тројца припадници на вооружената група.
