Денеска се навршуваат 25 години од загинувањето на осумтемина припадници на резервниот состав на Армијата кај месноста Љуботенски Бачила, еден од најтешките настани во конфликтот во 2001 година.
На 10 август 2001 година, воено товарно возило на Армијата на патот кон Љуботенски Бачила налетало на поставена мина. Животите ги загубија Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски.
По повод 25-годишнината, делегација од Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана, предводена од началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денеска им оддава почит на загинатите припадници.
Цвеќе утрово беше положено кај спомен-обележјето на Томислав Настевски во Општина Ѓорче Петров и кај споменикот на паднатите бранители во Волково. Во рамките на одбележувањето е предвидено положување венци и кај споменикот во Љубанци, како и кај спомен-плочата во касарната „Илинден“.
На 10 август традиционално се оддава почит и на Ацо Ангеловски, кој во 2000 година загина во Арачиново при вооружен напад врз полициска патрола.
Армијата секоја година со положување цвеќе на спомен-обележјата во Љубанци, Волково, касарната „Илинден“ и Ѓорче Петров го одбележува споменот на осумтемина припадници на резервниот состав кои ги загубија животите на 10 август 2001 година.
