Сметките за вода и комуналии ќе се наплаќат електронски

ФОТО: Макфакс.мк

Хартиените сметки за вода, комунални и други јавни услуги постепено треба да се преселат во електронскиот систем за фактурирање. УЈП веќе ги вклучува општините и јавните претпријатија во пилот-фазата на е-Фактура, а еден од главните тестови е како системот ќе се справи со стотици илјади сметки што секој месец се испраќаат до граѓаните.

На обука организирана од Управата за јавни приходи и ЗЕЛС учествувале 80 претставници од општините и јавните претпријатија. Освен основното функционирање на е-Фактура, се разгледувале и практичните проблеми што треба да се решат пред целосното воведување на системот.

Меѓу најважните прашања е како комуналните претпријатија ќе испраќаат масовен број фактури до домаќинствата и дали нивните постојни информатички системи ќе можат автоматски да се поврзат со платформата на УЈП. Се проверува и дали ќе можат да се користат веќе издадените квалификувани електронски потписи.

Во пилот-фазата корисниците имаат две можности. Поголемите претпријатија можат директно да ги поврзат своите системи со е-Фактура преку API, додека за останатите е достапна бесплатна веб-апликација.

Во моментов се тестира целиот процес, од креирање и испраќање на фактурата, до нејзино примање, проверка, прифаќање, одбивање и сторнирање. УЈП најавува дека опфатот постепено ќе се проширува додека не бидат вклучени сите процеси и видови документи што ќе се користат во редовното работење.

Проектот годинава влезе во третата фаза. УЈП уште во јуни отвори тест-околина преку веб-апликација и воспостави соработка со околу 200 компании кои учествуваат во структурирано тестирање на системот.

За граѓаните највидливата промена ќе дојде кога во системот целосно ќе се вклучат јавните комунални претпријатија, кои се меѓу најголемите издавачи на фактури во државата. Тогаш сметките за вода и другите јавни услуги ќе можат да се издаваат и обработуваат електронски наместо целиот процес да се потпира на хартиени документи.

УЈП засега не соопштува дека хартиените сметки веднаш се укинуваат. Системот сè уште се тестира, а од општините и јавните претпријатија е побарано што поскоро да се вклучат во пилот-фазата за техничките и административните проблеми да бидат откриени пред неговата целосна примена.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали Владата треба да се извини за грешката со знамето во настанот за 35 г. независност?