Институтот за јавно здравје и Центарот за јавно здравје – Скопје прогласија епидемија на западнонилска треска во повеќе делови од главниот град, откако бројот на регистрирани случаи продолжи да расте. Еден 83-годишен пациент починал, а петмина заболени се во тешка состојба и се на механичка вентилација.
Епидемијата е прогласена за подрачјата на Кисела Вода кај Пржино, Аеродром, Бутел, Гази Баба, Илинден, Драчево, Идризово, Јурумлери и Трубарево.
Според објавените податоци, ИЈЗ досега регистрирал 26 случаи, од кои кај 24 е потврдено присуството на вирусот. Дваесет и пет случаи се од Скопје, а еден од Велес. Најголем дел од заболените се мажи постари од 60 години кои работеле земјоделски или градинарски работи во раните утрински и приквечерните часови, кога комарците се најактивни.
На Клиниката за инфективни болести досега биле евидентирани 29 пациенти. Петмина се во тешка здравствена состојба и се на механичка вентилација, додека 83-годишен маж со придружни заболувања починал во текот на викендот.
Бројот на заболени значително се зголеми во изминатите недели. На 27 јули ИЈЗ официјално информираше за осум регистрирани случаи во Македонија, од кои седум потврдени и еден веројатен. Институтот тогаш потврди дека вирусот циркулира во земјава и дека сезоната на негово пренесување трае во периодот кога има масовно присуство на комарци.
Западнонилската треска се пренесува преку убод од заразен комарец. Кај поголемиот дел од заразените инфекцијата може да помине без симптоми или со полесна клиничка слика, но кај повозрасните лица и лицата со ослабен имунитет постои поголем ризик од тешки невролошки компликации.
Здравствените власти препорачуваат поставување заштитни мрежи на прозорците и вратите, користење средства против комарци и избегнување престој на отворено во периодот околу зајдисонце и во раните утрински часови. Препорачливо е и носење облека со долги ракави и ногавици кога се престојува на места со зголемено присуство на комарци.
При појава на висока температура, силна главоболка, вкочанет врат, нарушена свест, конфузија или слабост на екстремитетите, ИЈЗ посочува дека е потребна итна медицинска проценка поради можност за невролошки компликации.
