СДСМ ја обвини Владата дека министрите се занимаваат со прашања надвор од нивните ресори, додека земјата се соочува со проблеми со водоснабдувањето, загадувањето и западнонилската треска. Од партијата посочуваат дека по ангажманот на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски околу хиперхлорирањето на водоводната мрежа во Гостивар, сега министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски соопштува информации за полициски постапки.
„Сега Тимчо Муцунски – министер за надворешни работи се занимава со полиција. Тој кажува колку луѓе биле повикани на разговор во полиција за шпекулациите и лажните информации за водата во Скопје“, наведуваат од СДСМ.
Од опозициската партија прашуваат каде е Тошковски и дали презема активности во рамките на надлежностите на Министерството за внатрешни работи. Притоа потсетуваат дека токму тој претходно бил задолжен за активностите поврзани со хиперхлорирањето и чистењето на водоводната мрежа во Гостивар.
СДСМ тврди дека граѓаните во повеќе од 50 населени места се соочуваат со проблеми со водата, додека паралелно има загадени реки и случаи на западнонилска треска. Според партијата, ваквата состојба дополнително ја нарушува довербата во институциите.
„Во ВМРО – ОКГ сите се занимаваат со туѓа работа, само не со својата. Како луѓето да имаат доверба?“, порачаа од СДСМ, обвинувајќи ја Владата за, како што велат, „тотален институционален распад“.
