Оперативниот директор на телевизијата „Алсат“, Лирим Хајредини, утрово е пронајден починат во близина на трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје. Местото е обезбедено од полицијата, а телото ќе биде предадено на обдукција за да се утврдат околностите и причината за смртта.
Првичната информација ја објави порталот 4News, кој повикувајќи се на свои извори наведува дека станува збор за самоубиство. Засега, сепак, нема официјална потврда од надлежните институции за причината за смртта, поради што се очекуваат резултатите од истрагата и обдукцијата.
Хајредини повеќе од 16 години беше оперативен директор на националната телевизија „Алсат“. Во медиумскиот сектор беше познат како долгогодишен менаџер со искуство во телевизиска продукција, маркетинг и деловно управување.
Пред ангажманот во „Алсат“, Хајредини работел и во Македонскиот центар за меѓународна соработка, а неговото име со години се појавува и во анализи и истражувања за медиумскиот пазар во Македонија како оперативен директор на телевизијата.
Повеќе детали за случајот се очекуваат по официјалното соопштение на полицијата и завршувањето на предвидените постапки.
