Жители на Мичурин во Скопски Аеродром, бараат итно поставување сообраќајна сигнализација и регулирање на паркирањето на реконструираната улица „Симеон Кавракиров“, која минува непосредно покрај ООУ „Блаже Конески“. Барањето доаѓа пред почетокот на учебната година, кога на овој потег значително ќе се зголеми бројот на возила и пешаци, особено ученици.
Граѓаните предупредуваат дека по реконструкцијата на улицата сè уште нема соодветно обележани пешачки премини, вертикална сигнализација, знаци за ограничување на брзината и други мерки што би ја зголемиле безбедноста околу училиштето.
Тие бараат надлежните да утврдат и како трајно ќе биде организиран сообраќајот, дали улицата ќе биде еднонасочна и на кој начин ќе се регулира паркирањето.
Прашањето за паркингот дополнително се отвори откако денеска пајак-службата подигнала неколку автомобили паркирани на тротоар во близина на маркетите „Рулет“ и „Стокомак“.
Жителите велат дека паркирањето на тротоарите не е дозволиво, особено откако тие се целосно реконструирани, но предупредуваат дека повременото подигнување автомобили не го решава долгогодишниот проблем со недостигот од паркинг места во овој дел од Аеродром.
Според нив, уште пред две години ЈП „Градски паркинг“ спроведувало анкети поврзани со можноста за воведување зонско паркирање по должината на улицата, но на терен досега нема конкретно решение.
Проблем со безбедноста постоел и пред реконструкцијата. По целата должина на улицата имало само два обележани пешачки премини, иако станува збор за сообраќајница покрај основно училиште и низ густо населена населба.
Граѓаните бараат покрај пешачките премини и сообраќајните знаци да се постават и заштитни столпчиња на новите тротоари, за да се спречи повторно паркирање возила врз нив и да се обезбеди непречено и безбедно движење на пешаците.
Со почетокот на учебната година за нешто повеќе од две недели, жителите очекуваат Општина Аеродром и другите надлежни институции да реагираат пред повторно да се зголеми сообраќајниот метеж околу училиштето.
