Американскиот претседател Доналд Трамп предложи Атлантскиот или Тихиот Океан да добие ново име, „Трампов Океан“ или „Океан на Америка“. Идејата ја изнесе на митинг во Кларксвил, во американската сојузна држава Тенеси, во саботата, 10 октомври, порачувајќи дека би сакал тоа да се случи пред да ја напушти функцијата.
„Можеме да го наречеме „Трампов Океан“ или „Океан на Америка“. Нешто слично“, рече Трамп, според снимката и извештајот што ги објави американската мрежа Греј њуз.
Вашингтон пост го опишува споменувањето на неговото име како шега, проследена со смеа и аплауз од присутните.
Претседателот ја надоврза идејата на претходните преименувања на Мексиканскиот Залив во „Американски Залив“ и на езерото Онтарио во „Езеро Америка“. Во говорот набројуваше дека веќе имаат залив и убаво езеро, а сега им недостигаат океан и голема река.
Преименувањето на Онтарио, кое се наоѓа на границата меѓу САД и Канада, не го прифатија канадските власти. Канадскиот премиер Марк Карни порача дека неговата земја ќе продолжи да го користи старото име на езерото.
Сепак, две реки засега ја избегнаа претседателската инспирација. Трамп рече дека нема да го менува името на Хадсон, наречен по истражувачот Хенри Хадсон. Го поштеди и Мисисипи, објаснувајќи дека го сака тоа име и потсетувајќи на големата изборна победа во истоимената сојузна држава.
Трамп претходно ја споменувал и можноста за преименување на Ормускиот Теснец, кој, според неговата замисла, исто така би го носел неговото име.

