Македонската православна црква – Охридска архиепископија реагираше на изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека „Српската црква е иста и во Скопје“, со внимателно формулиран одговор во кој потсетува дека МПЦ-ОА ја остварува својата духовна и пастирска мисија на својата канонска територија.
Од Светиот архијерејски синод нагласуваат дека МПЦ-ОА е наследничка на Јустинијана Прва и обновената Охридска архиепископија и дека се грижи за сите православни христијани на својата канонска територија, без разлика на нивната национална, политичка, културна или етничка припадност.
Реакцијата следува по изјавата на Вучиќ дадена во Мркоњиќ Град, во која српскиот претседател зборувал за Српската православна црква и нејзиното присуство и во Скопје. Токму делот во кој го споменува Скопје беше повод за одговорот од МПЦ-ОА.
Од Синодот потенцираат дека Македонската православна црква останува отворена за сите верници и дека својата мисија не ја врзува со политички или национални поделби.
„Длабоко свесна за својата историска улога и за одговорноста во духовниот живот на македонскиот народ, а водена од евангелските начела и богатото православно предание, таа останува Црква отворена за сите“, се наведува во реакцијата.
Од МПЦ-ОА додаваат дека единството на верата и евхаристиското заедништво треба да бидат над политичките, идеолошките и општествените поделби, а како единствена водилка во своето дејствување ги посочуваат Евангелието, верата и грижата за верниците.
Односите меѓу МПЦ-ОА и СПЦ значително се променија во 2022 година, кога Српската православна црква ја призна автокефалноста на Македонската православна црква. На 24 мај истата година, патријархот Порфириј во Скопје јавно ја соопшти одлуката за признавање на автокефалноста.
