Велес повторно во знакот на деветтата уметност, 14 авторки од пет земји на Стрип колонијата

Велес од 20 до 23 август повторно ќе биде регионално средиште на деветтата уметност. Осмото издание на Меѓународната стрип колонија „Велес 2026“ годинава носи поинаков концепт, сите учесници ќе бидат авторки, а во градот ќе творат 14 уметници од Македонија, Србија, Хрватска, Бугарија и Романија.

Колонијата ја организира Стрип центарот на Македонија – Велес, кој годинава забележа и рекорден интерес за меѓународниот конкурс „Златен стрип“, на кој пристигнаа 497 дела од автори од целиот свет.

На колонијата ќе учествуваат Силвиа Борбељ, Андрада Ваеш и Ирис Голгочиу од Романија, Ана Цочева и Велислава Стојанова Георгиева од Бугарија, Драгана Купрешанин од Србија, Маја Перак од Хрватска, како и македонските авторки Меланија Стојанова, Сибел Исмаилова, Елена Апостоловска, Ања Стојадиновска, Славица Купенкова, Ана Ивева и Стефанија Атанасова.

Уметниците ќе работат под менторство на професорот Владимир Весовиќ од Белград, а од Стрип центарот велат дека ваквите средби имаат особено значење за размената на искуства и за поврзувањето на домашната стрип сцена со автори и организации од регионот.

„Соработката на меѓународно ниво со организации и автори, како и на национално ниво со училишта, студија, асоцијации и автори, континуирано се шири. Ваквиот тип интернационална размена има непроценливо влијание врз личниот уметнички развој на авторите и директно ја отвора македонската сцена кон светот“, велат од Стрип центарот.

Годинашното издание ќе се одржува во староградскиот амбиент на Спомен куќата на Касапови, а организаторите сакаат преку колонијата дополнително да го поврзат стрипот со културната и туристичката понуда на Велес.

Од организацискиот тим посочуваат дека градот веќе има препознатливи стрип содржини кои можат да се посетуваат во текот на целата година. Меѓу нив се стрип муралите на велешките улици и библиотеката на Стрип центарот со околу 10.000 изданија, меѓу кои има и ретки наслови.

„Наша заложба е уште поголема валоризација на она што Велес веќе го поседува како трајно културно богатство. Посетителите можат да ги видат стрип муралите низ градот и да се запознаат со библиотеката која брои околу 10.000 наслови“, вели Томе Трајков од организацискиот тим.

Меѓународната стрип колонија се реализира со финансиска поддршка од Министерството за култура и Општина Велес.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали Владата треба да се извини за грешката со знамето во настанот за 35 г. независност?