СДСМ го обвини министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски дека ја менува сопствената изјава за разговорите поврзани со деблокирањето на европскиот пат на Македонија и дека паралелно се заканува со постапки против опозицијата за, како што велат од партијата, „ширење паника“.
Од СДСМ реагираат на денешната изјава на Муцунски дека „тајни разговори или разговори под радарот нема“ и дека никогаш не кажал такво нешто.
Партијата потсетува дека на 3 август повеќе медиуми пренеле негова изјава според која се водат разговори „под радарот“ за деблокирање на евроинтеграциите.
„Три наслови, три медиуми, иста изјава. Денес вели дека никогаш не го кажал“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата тврдат и дека Муцунски и пратеникот Бране Петрушевски најавуваат можност за повикување на разговор на лица за кои сметаат дека шират паника, што СДСМ го оценува како обид за притисок врз опозицијата и критичарите на власта.
Во соопштението СДСМ повторно ги отвора и темите за состојбата со водата во Гостивар, контролата на квалитетот на водата во повеќе населени места, западнонилската треска и навременото прскање против комарци.
Партијата тврди дека секогаш кога отвора прашања за кои смета дека власта нема одговор, следуваат закани со полиција и обвинителство.
СДСМ упати обвинувања и кон премиерот Христијан Мицкоски, тврдејќи дека врши политички притисок врз институциите и дека од јавни настапи се најавуваат постапки против политички противници.
Во соопштението се користи и остра реторика кон власта и дел од медиумите, при што СДСМ обвинува за пропаганда, лажни вести и обиди за замолчување на критиките.
„Немаат аргументи, немаат резултати, немаат одговори. Имаат само лаги и закани“, се наведува во партиското соопштение.
Од СДСМ порачуваат дека ќе продолжат јавно да ги отвораат прашањата за кои сметаат дека постои институционална одговорност и најавуваат дека нема да се откажат од барањата за истраги и одговорност.
