Големиот пожар што синоќа избувна кај Локва Рогозница во Хрватска за само неколку часа се прошири до Омиш, стигна до куќи и туристички објекти и предизвика масовна евакуација. Според последните информации од хрватските противпожарни служби, повредени се 19 лица, меѓу кои има и лица со потешки повреди и изгореници.
Околу 200 луѓе биле евакуирани во текот на ноќта, дел од нив со автобуси кон Сплит, а стотици туристи и жители биле извлекувани и со чамци. Многумина ги напуштиле сместувачките капацитети без лични предмети, документи и пари.
Огнот, носен од силниот ветер, за само два часа се проширил од Мимиќ до Омиш. Изгореле и биле оштетени автомобили, куќи, ресторани и маслинови насади, а пожарот се спуштил над стариот дел на градот речиси до покривите на објектите.
Пожарот ја зафатил и познатата тврдина Фортица над Омиш. Според информациите од терен, тврдината Мирабела засега не е загрозена, иако огнот се ширел и во нејзина насока.
Драматични сведоштва доаѓаат и од туристите кои бегале пред огнената стихија. Дел од нив успеале да земат само најнеопходни работи, додека други останале без цел багаж. Една туристка раскажала дека со семејството се обиделе пеш да се вратат по работите, но морале да ги остават бидејќи огнот пребрзо им се приближувал.
Утрово началникот на хрватската противпожарна служба Славко Туцаковиќ изјави дека во подрачјето на Локва Рогозница и Омиш повеќе нема отворен пламен, но пожарникарите продолжуваат со гаснење и обезбедување на теренот. Во акцијата се вклучени и четири канадери, а пристигнуваат дополнителни противпожарни екипи од други делови на Хрватска.
Сателитскиот систем OroraTech покажал колку брзо се развивала огнената стихија. Првото жариште било регистрирано во 20:38 часот, а до 23:41 часот биле детектирани околу 200 жаришта во поширокото подрачје.
Надлежните засега немаат конечна проценка на материјалната штета. Хрватските пожарникари велат дека вистинскиот обем ќе може да се утврди дури откако целосно ќе заврши интервенцијата.
