Американскиот претседател Доналд Трамп бил тајно префрлен од претседателскиот авион и изнесен од Турција со друг воен авион по предупредување за можен ирански напад. Безбедносната операција била спроведена по самитот на НАТО во Анкара, а деталите за неа излегоа во јавност повеќе од еден месец подоцна.
Според извештаите, американските служби добиле предупредување за можен напад со пренослив противвоздушен проектил врз авионот со кој требало да патува Трамп. Поради проценетиот ризик, Тајната служба го променила планот во последен момент.
Трамп бил дискретно префрлен од „Ер форс уан“ до помал воен авион C-32A. За да не биде забележано неговото движење на аеродромот, бил користен камион за кетеринг. Со него патувал само мал дел од неговиот најблизок тим.
Во исто време, „Ер форс уан“ полетал со високи американски функционери, членови на персоналот и новинари, кои не знаеле дека претседателот повеќе не е во авионот. На тој начин леталото практично служело како мамка додека Трамп ја напуштал Турција со друг авион.
Меѓу лицата кои останале во претседателскиот авион биле и високи членови на администрацијата. Објавувањето на деталите предизвика прашања во Вашингтон дали со операцијата биле изложени на дополнителен ризик луѓето кои не биле информирани за промената на планот.
Самиот Трамп подоцна потврди дека го сменил авионот по совет на Тајната служба и војската и дека постоеле безбедносни причини за таквата одлука.
Но новите информации отвораат и друго прашање, колку била сигурна разузнавачката информација за заканата. Според Ројтерс, американските разузнавачки служби во текот на изминатата година добивале предупредувања од Израел за можни ирански планови за атентат врз Трамп, но дел од тие информации не можеле независно да ги потврдат. Американските проценки за предупредувањето поврзано со Турција биле со ниско ниво на доверба, а ниту турските служби не пронашле докази кои би го потврдиле сценариото.
Сепак, американските служби одлучиле да не ризикуваат и ја спровеле операцијата за тајно извлекување на претседателот.
Тензиите меѓу Вашингтон и Техеран во тој период биле исклучително високи, а Трамп и јавно зборувал дека се наоѓа на врвот на иранската листа на потенцијални цели. При заминувањето од Турција на новинарите во претседателскиот авион им било наредено да ги спуштат ролетните на прозорците, што уште тогаш предизвика сомнежи дека промената на авионот има безбедносна заднина.
Иранските државни медиуми во меѓувреме почнаа да ја исмеваат операцијата, претставувајќи ја како доказ дека Вашингтон сериозно стравувал од способноста на Техеран да го нападне американскиот претседател. Иранските власти официјално не презедоа одговорност за наводната закана.
