Обвинението за Груби променето, наместо за проневера ќе одговара за злоупотреба на службената положба

Груби

Обвинението против поранешниот вицепремиер Артан Груби е поднесено со поинаква правна квалификација од онаа со која првично се водеше истрагата за случајот со „Државна лотарија“. Наместо за проневера во службата, Груби сега е обвинет за злоупотреба на службената положба и овластување, дело за кое е предвидена пониска максимална затворска казна.

Груби и уште седум лица треба да седнат на обвинителна клупа на 24 август во Кривичниот суд во Скопје. Предметот преку автоматска распределба е доделен кај судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски, а првото рочиште е закажано за 10 часот.

Според Судот, на сите обвинети им се става на товар злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 5, во врска со ставовите 4 и 1 и член 22 од Кривичниот законик.

Ова е промена во однос на почетокот на истрагата. Додека Груби беше недостапен за органите на прогонот, Обвинителството соопштуваше дека ќе биде гонет за проневера во службата според член 354, за што, според „Слободен печат“, е предвидена казна до десет години затвор. Со поднесеното обвинение правната квалификација е сменета, а за делото што сега му се става на товар максималната казна е до пет години затвор.

Покрај Груби, обвинети се поранешниот директор на „Државна лотарија“ Прпарим Бајрами, поранешниот генерален секретар на Владата Методија Димовски и уште пет лица.

Обвинителството тврди дека со спорната набавка на видеолотариски терминали на „Државна лотарија“ ѝ била нанесена штета од околу 8,2 милиони евра. Според обвинението, Груби, кој во тоа време имал влијание врз раководењето со Лотаријата, претседавал со владина седница и предложил да биде усвоена точка иако, според Обвинителството, бил свесен дека таквата одлука не била во надлежност на Владата во својство на собрание на акционерското друштво.

Обвинителството побара Груби да остане во куќен притвор. Сепак, Кривичниот суд појаснува дека поради тоа што е поднесен обвинителен предлог, оваа мерка може да трае најмногу 60 дена од поднесувањето на предлогот до завршувањето на главната расправа. Тоа значи дека, доколку постапката не заврши дотогаш, мерката би морала да престане најдоцна во октомври.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали Владата треба да се извини за грешката со знамето во настанот за 35 г. независност?