Ердоган: Историски чекор кон „Турција без терор“, усвоен закон за разоружување на ПКК

kremlin.ru, CC BY 4.0 , via Wikimedia Commons

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го оцени како „историски чекор“ новиот закон со кој се создава правна рамка за разоружување и распуштање на Курдистанската работничка партија, ПКК, и за реинтеграција на дел од нејзините членови во општеството. Законот беше усвоен од турскиот парламент оваа недела со поддршка од повеќе од две третини од пратениците.

Новиот Закон за зајакнување на националната солидарност и социјалната кохезија предвидува механизми за запирање на одредени истраги, судски постапки и извршување казни поврзани со припадници на организацијата. Мерките, сепак, ќе почнат да се применуваат дури откако официјално ќе биде потврдено дека ПКК и поврзаните структури целосно ги прекинале активностите и го предале оружјето.

Ердоган, говорејќи на церемонија во Академијата на жандармеријата и крајбрежната стража во Анкара, рече дека остварувањето на визијата за „Турција без терор“ и „регион без терор“ е од витално значење за земјата.

Законот е еден од најзначајните чекори во процесот што започна по повикот на затворениот лидер на ПКК, Абдула Оџалан, во февруари 2025 година организацијата да го положи оружјето. ПКК потоа во мај истата година соопшти дека ќе ја прекине вооружената борба. Конфликтот меѓу турската држава и ПКК трае од 1984 година и однесе повеќе од 40.000 животи.

Новата правна рамка овозможува дел од поранешните борци кои не се поврзани со определени тешки кривични дела да се вратат во Турција и да бидат опфатени со мерки за реинтеграција. Турскиот министер за правда претходно нагласи дека водачите на организацијата и лицата одговорни за убиства на припадници на безбедносните сили нема да бидат опфатени со поволностите.

Законот доби поддршка од владејачката АК Партија, националистичката МХП и прокурдската ДЕМ, а го поддржа и главната опозициска Републиканска народна партија. Лидерот на опозицијата Озгур Озел изјави дека поддршката ја дал затоа што смета дека прекинот на деценискиот конфликт е во интерес на Турција.

Сепак, процесот останува чувствителен. Законот не ги решава пошироките прашања за политичките и културните права на Курдите, ниту статусот на Оџалан, а дел од воените ветерани и семејствата на загинатите се противат на олеснувањата за поранешните припадници на ПКК.

За Ердоган, усвојувањето на законот е почеток на последната фаза од проектот што неговата власт го нарекува „Турција без терор“, со цел да заврши конфликтот што повеќе од четири децении е едно од најтешките безбедносни и политички прашања во земјата.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали Владата треба да се извини за грешката со знамето во настанот за 35 г. независност?