Нови медали за македонските информатичари, едно сребро и две бронзи на светската олимпијада

Македонските средношколци освоија нови три медали на Интернационалната олимпијада по информатика, ИОИ 2026, која се одржува во Ташкент, Узбекистан. Во конкуренција од 375 натпреварувачи од 92 земји, Македонија освои еден сребрен и два бронзени медали, како и една олимписка пофалница.

Сребрениот медал го освои Дамјан Давков од Штип, додека Владимир Грчев од Кочани и Никола Стојковски од Скопје се закитија со бронзени медали. Четвртиот член на македонскиот тим, Виктор Максимоски од Гостивар, доби олимписка пофалница. Тимот го предводат професорите Миле Јованов и Емил Станков од ФИНКИ.

Посебно се издвојува успехот на Давков, ученик во Математичко-информатичката гимназија. За него ова е трет последователен сребрен медал на ИОИ, а на своето прво учество освои бронза. Со четири медали, тој е најуспешниот македонски учесник во историјата на ова натпреварување.

За Владимир Грчев од „Јахја Кемал“ и Никола Стојковски од Математичко-информатичката гимназија ова било прво учество на светската олимпијада, а двајцата уште на дебито стигнале до бронзен медал.

Македонските претставници биле избрани преку целогодишниот циклус натпревари што го организира Здружението на информатичарите на Македонија. Натпреварите се одржуваат преку системот mendo.mk, а подготовките и селекцијата годинава се спроведуваат со поддршка од ФИНКИ и повеќе компании.

Со трите нови медали, Македонија од своето прво учество на ИОИ во 1996 година досега има освоено седум сребрени и 26 бронзени медали, како и пет олимписки пофалници. Втора година по ред сите четворица членови на македонскиот тим се враќаат со медал или признание.

Годинашното издание на олимпијадата е и најмасовно досега, со 375 ученици од 92 земји. Натпреварувачите во два дена решаваат по три сложени алгоритамски задачи, со по пет часа работа во секој натпреварувачки ден.

Следен голем предизвик за македонските млади информатичари е Балканската олимпијада по информатика, која од 14 до 20 септември ќе се одржи во Тирана.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали Владата треба да се извини за грешката со знамето во настанот за 35 г. независност?