Универзитетите кратат 2.000 места, најмногу кај администрација, право и економија

ФОТО: Слободен печат

Околу 2.000 помалку места ќе има годинава за упис на прва година на универзитетите во Македонија. Министерството за образование ги намалило квотите кај студиските програми за кои има поголем број невработени кадри, додека техничките и информатичките насоки речиси не се променети.

Министерката за образование Весна Јаневска во интервју за МИА вели дека најголемо намалување има кај бизнис и јавната администрација, како и кај дел од програмите на економските, правните и медицинските факултети. Причината, според неа, е заситеноста на пазарот на труд со одредени професии.

Од друга страна, квотите кај информатиката, машинството, градежништвото и другите технички области остануваат речиси исти. Јаневска тврди дека вработливоста кај дел од овие струки достигнува 98 до 99 проценти, а во некои области веќе има недостиг од кадар.

И покрај намалувањето на вкупниот број места, министерката очекува сите идни студенти да имаат можност да се запишат на факултетите на кои сакаат да студираат.

Паралелно, остануваат заглавени и трите закони за високото образование и науката. Јаневска очекува расправата да продолжи до крајот на август. Законите се блокирани во Собранието поради барањето на албанскиот опозициски блок при нивното носење да се применува Бадентеровиот принцип.

Новата академска година носи промени и во студентските домови. Целосно реконструираниот „Стив Наумов“ треба да прими студенти од 1 октомври, додека „Кузман Јосифовски-Питу“ се очекува да биде отворен околу 1 ноември. За реновираните домови ќе важат и нови цени, па сместувањето во „Стив Наумов“ од досегашните 3.500 денари ќе поскапи на речиси 6.000 денари.

Пред почетокот на учебната година, Јаневска најавува дека завршува и дистрибуцијата на учебниците и уверува дека во учебната 2026/2027 година не треба да има недостиг. Училиштата кои навреме не пријавиле колку учебници им се потребни, според неа, ќе мора самите да ги обезбедат дополнителните примероци.

Во однос на податокот дека досега се запишани над 4.000 првачиња помалку од лани, Јаневска вели дека бројката не е конечна. Според неа, дел од децата се уште не се заведени поради доцнење на родителите и училиштата, а дополнителни уписи традиционално има од крајот на август до крајот на септември.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали Владата треба да се извини за грешката со знамето во настанот за 35 г. независност?