Уште еден пациент почина од западнонилска треска во Скопје. Станува збор за 72-годишен маж кој бил хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести, а кај него била развиена и клиничка слика на менингитис. Ова е втор смртен случај поврзан со вирусот за една недела.
На Инфективната клиника во моментов се лекуваат 24 пациенти, а неколкумина од нив се на механичка вентилација.
Пред неколку дена почина и 83-годишен маж од Скопје, кој исто така бил лекуван на Инфективната клиника. Кај него биле забележани вкочанетост на вратот, нарушена свест и клиничка слика на менингитис, а имал и други заболувања. Присуството на вирусот било потврдено со серолошко испитување на ликворот.
Поради ширењето на западнонилската треска, здравствените власти прогласија епидемија во повеќе делови од Скопје, меѓу кои Кисела Вода, Гази Баба, Драчево, Илинден, Трубарево, Јурумлери и Идризово. Најмногу заболени досега се регистрирани во Драчево.
Западнонилскиот вирус најчесто се пренесува на луѓето преку убод од заразен комарец. Според Институтот за јавно здравје, околу 80 проценти од инфекциите поминуваат без симптоми, додека кај помалку од еден процент може да се развие тешка невроинвазивна форма со воспаление на мозокот или мозочните обвивки. Ризикот од тежок исход е поголем кај повозрасните лица.
Најчести симптоми се покачена температура, треска, главоболка, слабост и болки во мускулите и зглобовите. За вирусот нема специфична терапија за луѓето, па здравствените власти како главна превентивна мерка ја посочуваат заштитата од убоди од комарци
