Додека ние мака мачиме со комарците, Кина создаде ласер што ги лови во лет

западнонилска

Додека ние мака мачиме со комарците секое лето, Кина создаде ласер кој треба сам да ги открива, следи и погодува додека летаат. Уредот Photon Matrix, развиен од тим во кинескиот град Чангџоу, користи ласерски радар за да забележи ситни летечки цели, а потоа со прецизен ласер ги оштетува крилјата на комарците. Проектот веќе привлече илјадници купувачи од десетици земји и собра милиони долари преку групно финансирање.

На прв поглед уредот повеќе потсетува на минијатурен систем за воздушна одбрана отколку на класичен апарат против комарци. Според кинескиот China News Service, системот испраќа десетици илјади точки во секунда со помош на LiDAR технологија и може да препознае комарец за околу три милисекунди. Производителот тврди дека ласерот може да реагира до 30 пати во секунда.

Развојот траел околу три години. Основачот Ванг Чуан и неговиот тим почнале со работа во 2022 година, а во 2024 година, според нивните податоци, успеале да постигнат стапка на детекција од 97 проценти на растојание до три метри. Пресврт во интересот за производот донело видео снимено на отворено, на кое се гледа како системот погодува комарци. Снимката станала вирална на социјалните мрежи.

Интересот брзо се претворил и во пари. South China Morning Post во јуни објави дека проектот собрал околу 2,7 милиони долари преку Indiegogo, иако првичната цел била само 20.000 долари. Повеќе од 4.000 поддржувачи од над 50 земји уплатиле околу 630 долари за уред.

Производителот наведува дека системот има и безбедносни механизми. Доколку сензорите откријат човек, домашно милениче или друг поголем објект во зоната на дејствување, ласерот треба автоматски да престане да работи. На официјалната страница се нудат верзии со видлив син и со инфрацрвен ласер, наменети за различни услови на употреба.

Сепак, Photon Matrix сè уште не треба да се третира како одамна докажан масовен производ. Компанијата ја одложуваше комерцијализацијата, а според последното известување до поддржувачите, масовното производство официјално треба да започне во август 2026 година, со испораки според редоследот на направените нарачки.

Тоа значи дека спектакуларните бројки за брзината, прецизноста и ефикасноста засега главно доаѓаат од производителот и од неговите тестирања. Вистинскиот тест ќе започне кога уредот ќе стигне до поголем број корисници и ќе се појават независни проверки на неговата ефикасност и безбедност.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?