Повторно се отвора прашањето за безбедноста на храната што стигнува на трпезите. Пратка од 11,6 тони пиперки од Македонија е одбиена во Бугарија откако при контролата биле утврдени зголемени концентрации на пестициди, потврди Агенцијата за храна и ветеринарство.
Директорот на АХВ, Оливер Миланов, изјави дека македонските институции се известени за случајот, но се уште не е одлучено дали спорната пратка ќе биде уништена во Бугарија или ќе биде вратена во Македонија.
Ако пиперките бидат вратени, според Миланов, операторот во координација со Државниот инспекторат за земјоделство ќе треба да ги уништи на депонијата „Дрисла“.
„Операторот има право пиперката да биде уништена или да биде вратена и ние заедно со Инспекторатот за земјоделство да ја уништиме“, изјави Миланов.
Во Македонија важат максимално дозволени нивоа на резидуи од пестициди во храната усогласени со европските правила. Ако лабораториската анализа покаже концентрација над дозволената граница, производот не ги исполнува пропишаните услови за безбедност.
Засега јавно не е соопштено за кој пестицид станува збор, колкава концентрација била измерена и колку ја надминала дозволената граница. Нема ниту информација дали пиперки од истиот производител или производна серија биле пласирани на домашниот пазар.
Токму тоа е и прашањето што останува по случајот со вратените 11,6 тони: ако контролата во Бугарија открила недозволено количество пестициди во македонски земјоделски производ, дали и кај нас се проверуваат другите количини од истото производство пред да стигнат до потрошувачите?
