СДСМ: Мицкоски зборува за економски успеси, граѓаните плаќаат се поскапо гориво

СДСМ

Додека премиерот Христијан Мицкоски се фали со економски резултати, граѓаните од денеска плаќаат значително поскапи бензин и дизел, реагираат од СДСМ по најновата одлука на Регулаторната комисија за енергетика.

Од опозициската партија посочуваат дека бензините од денеска се поскапи за 4,5 денари за литар, а дизелот за 6,5 денари, оценувајќи дека новото поскапување директно го погодува животниот стандард.

„Владата повторно не презеде ниту една мерка да го ублажи ударот. Ниту навреме, ниту сега. Нема намалување на акцизата. Нема привремена интервенција. Нема ниту обид да се заштити животниот стандард на граѓаните“, се вели во реакцијата на СДСМ.

Партијата тврди дека растот на цените на горивата дополнително ќе се прелее врз цените на храната, транспортот и трошоците на земјоделците и на работниците кои секојдневно патуваат.

„Граѓаните го чувствуваат секој ден. На каса. На пумпа. Во празниот паричник. Тоа е вистинската статистика за Мицкоски“, порачаа од СДСМ.

Според официјалната одлука на РКЕ, од денес ЕУРОСУПЕР БС-95 се продава по максимална цена од 91,50 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС-98 по 93,50 денари, а ЕУРОДИЗЕЛ по 98 денари за литар. Екстра лесното масло за домаќинство чини 98,50 денари за литар.

Во контекст на тврдењето на СДСМ, Владата претходно донесе мерка за намалување на акцизите на бензинот и дизелот, а Собранието ја продолжи и кризната состојба за нафта и нафтени деривати до 20 октомври. Затоа оценката дека Владата „не презела ниту една мерка“ е политички став на опозициската партија.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?