Со Софија се слушаме, но не преговараме: Дијалог има, конкретен процес нема

Комуникацијата меѓу Македонија и Бугарија не е прекината, но во последниот период нема конкретни разговори што би воделе кон решение на спорот и деблокирање на македонскиот пат кон Европската Унија.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски вели дека дијалог постои на различни нивоа, но дека во последно време нема разговори со конкретна содржина и предлози со кои би можело да се приближат позициите на Скопје и Софија.

Таквата состојба доаѓа по неколку дипломатски контакти во изминатите месеци. Муцунски во мај се сретна со бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова на маргините на состанокот на НАТО во Шведска, каде македонската страна повтори дека е потребно решение, но дека македонскиот јазик, идентитет, култура и историја не можат да бидат предмет на преговори.

Во јуни следуваше и средбата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со бугарската претседателка Илијана Јотова во Софија. По разговорите, Сиљановска-Давкова изјави дека покрај уставните измени, бугарската страна отвора и прашања поврзани со работата на историската комисија.

Од македонската Влада остануваат на позицијата дека решението треба да обезбеди предвидлив европски процес и гаранции дека по евентуалните уставни измени нема да следуваат нови билатерални услови.

Од Софија, пак, пораката останува дека Македонија треба да ги исполни обврските содржани во европскиот консензус од 2022 година, пред сè внесувањето на Бугарите во Уставот.

Муцунски и претходно нагласуваше дека Скопје има постојана комуникација не само со Бугарија, туку и со земјите членки и институциите на ЕУ во обид да се најде „праведливо и одржливо решение“. Во јули тој говореше и за позитивен импулс и засилена дипломатска активност, но без конечен договор.

Во меѓувреме Македонија во Софија испраќа и нов амбасадор. На чувствителната дипломатска позиција оди кариерниот дипломат Крум Ефремов, поранешен амбасадор во Украина и долгогодишен директор во МНР задолжен за економска и јавна дипломатија. Неговото назначување доаѓа токму во период кога меѓу двете земји има дипломатски контакти, но нема видлив политички пробив.

Македонија формално ги започна пристапните преговори со ЕУ во 2022 година, но за отворање на кластерите е потребна измена на Уставот и внесување на Бугарите меѓу заедниците наведени во преамбулата. За таква измена во Собранието е потребно двотретинско мнозинство, кое во моментов не постои.

Така, по повеќе средби, пораки и дипломатски контакти, односите Скопје-Софија повторно се наоѓаат во позната позиција: каналите за комуникација се отворени, но разговор кој носи конкретно решение засега нема.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?