СДСМ: Во Македонија се спроведува операција за медиумски мрак по моделот на Вучиќ

СДСМ тврди дека во Македонија веќе се спроведува операција за преземање и контрола на медиумскиот простор по моделот што, според партијата, е воспоставен во Србија.

Од партијата велат дека за ваквото сценарио предупредувале уште пред два месеца и дека процесот сега веќе се реализира.

„Како што најавивме, операцијата за медиумски мрак по рецептот на Вучиќ се спроведува и во Македонија. Токму во моментов е во тек операција за преземање на медиумскиот простор и медиумите воопшто во Македонија“, соопшти СДСМ.

Како дел од ваквите процеси, од партијата ја посочуваат продажбата на медиумите од Adria News Network на инвестициската група Alpac Capital, во која, според СДСМ, се Н1, Нова, Радар, Forbes Srbija и Данас.

Од СДСМ наведуваат дека Alpac Capital е поврзан со кругови блиски до унгарскиот премиер Виктор Орбан и потсетуваат дека истата инвестициска група во 2022 година го презеде мнозинскиот удел во Euronews.

„Подоцна беше обелоденето дека 45 милиони евра за таа трансакција дошле од унгарски државен фонд, а уште 12,5 милиони евра биле обезбедени преку компанија поврзана со комуникациските операции на унгарската влада“, велат од СДСМ.

Партијата тврди дека не станува збор за изолирани бизнис-зделки, туку за поширок концепт преку кој, според нив, треба да се воспостави контрола врз медиумскиот простор во Македонија.

Во тој контекст СДСМ повторно ја споменува и унгарската компанија 4iG, која доби дозвола за трет мобилен оператор во земјава.

Од партијата велат дека паралелно со тоа се шири и присуството на медиуми од Србија блиски до власта на Александар Вучиќ.

„На големо се реализира влезот и ширењето на медиуми од страна на српскиот свет, блиски до власта на Вучиќ“, соопшти СДСМ.

Според информациите со кои, како што велат, располагаат во партијата, еден од плановите е преку Ало групацијата да се влезе и во телевизискиот простор во Македонија.

„Како една од првите опции се разгледува преземање на сопствеништвото на Наша ТВ“, тврдат од СДСМ.

Во соопштението се споменуваат и новинарката Ивана Талеска и проектот Euronews, како и новинарот Драган Павловиќ Латас, за кои партијата изнесува тврдења за нивна улога во, како што ја нарекува, операцијата за контрола на медиумскиот простор.

Од СДСМ оценуваат дека ваквите процеси имаат цел да го намалат просторот за критичко известување за работата на Владата, тендерите, реформите и европската интеграција.

„Кога нема резултати, кога нема пари во Буџетот, кога нема подобар живот за граѓаните и кога нема европска перспектива, тогаш единствено што и останува на оваа власт е да ги фати медиумите за гуша и да воспостави контрола врз нивното работење и врз јавниот простор“, порачаа од СДСМ.

Од партијата додаваат дека целта, според нив, е граѓаните да добиваат само една верзија на настаните и да се намали просторот за критика кон власта.

„Ова не е само прашање кој ќе биде сопственик на некоја телевизија или портал. Ова е контрола на јавниот простор во нашата држава“, порача СДСМ.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?