СВР Битола поднесе кривични пријави против тројца прилепчани и една фирма поради сомнение дека преку незаконска продажба на отпадно железо го оштетиле Тутунски комбинат Прилеп за повеќе од 3,3 милиони денари.
Пријавени се Љ.Б. (59), осомничен за „проневера во службата“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „фалсификување службена исправа“, К.С. (60) за „несовесно работење во службата“ и Ј.Д. (41) за „прикривање“ и „фалсификување службена исправа“. Кривична пријава е поднесена и против правно лице од прилепското село Мало Коњари.
Според МВР, во 2021 и 2022 година Љ.Б. бил координатор на група за обезбедување во комбинатот, додека К.С. бил генерален извршен директор. Ј.Д. бил сопственик и управител на фирмата која имала договор со Тутунски комбинат за откуп на отпадни материјали.
Полицијата се сомнева дека во февруари 2022 година биле прикриени најмалку 185.000 килограми отпадно железо од работната единица „Заводи – Мажучиште“, кои не биле евидентирани на сметката на комбинатот. Железото потоа било откупено од фирмата од Мало Коњари.
Според кривичната пријава, биле изготвувани фиктивни откупни белешки за околу 25.000 килограми железо на имиња на осум физички лица, за кои МВР наведува дека биле блиски со првопријавениот. Парите биле префрлани на сметки на седум физички лица и на личната сметка на Љ.Б., а по подигнувањето во готовина, според сомнежите на полицијата, му биле предавани нему.
На тие сметки биле префрлени вкупно 3.338.328 денари, износ за кој, според МВР, бил оштетен Тутунски комбинат. Во исто време, фирмата од Мало Коњари на сметката на комбинатот уплатила 1.274.560 денари по основ на продажбата на отпадното железо.
Тутунски комбинат Прилеп е акционерско друштво котирано на Македонската берза. Според берзанските податоци, компанијата во 2025 година остварила вкупни приходи од околу 1,17 милијарди денари.
