Заштита на македонските национални интереси, посилна економска дипломатија и подобра грижа за граѓаните во странство се трите приоритети што македонските амбасадори и генерални конзули треба да ги следат во следниот период, најави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Насоките се презентираат на Амбасадорскиот совет што денеска и утре се одржува во Скопје со учество на шефовите на македонските дипломатско-конзуларни претставништва во странство.
„Прво е заштитата на македонските национални интереси. Второ е користењето на потенцијалот на нашите дипломатско-конзуларни претставништва во делот на економската дипломатија, но и стимулирање на трговијата, односно извозната компонента на нашата економија“, изјави Муцунски.
Третиот приоритет, според него, е заштита на интересите на Македонците кои живеат надвор од земјата, како и на македонските државјани кои престојуваат или патуваат во странство. Во тој дел акцентот ќе биде ставен на модернизација на конзуларните услуги и подобрување на услугите за граѓаните.
Во економската дипломатија главен партнер останува Европската Унија, која е најголемиот трговски партнер на Македонија. Муцунски посочи дека Владата истовремено сака посилна трговска соработка со САД и отворање нови можности на пазарите во Индија и земјите од Арапскиот Залив.
„Примарна ни е соработката со традиционалните трговски партнери, но отвораме можности и за нови пазари“, рече Муцунски.
Премиерот Христијан Мицкоски пред почетокот на Советот изјави дека трите приоритети се целосно усогласени со политиките на Владата и дека дел од неговите пораки до амбасадорите ќе се темелат на истите три столба.
