По тешката ноќ во Прилепско, пожарот е ставен под контрола на повеќето критични точки, а селата Бонче, Подмоље и Лопатица утрово се безбедни, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов.
Прилепските пожарникари во текот на ноќта употребиле тактика на контрапожар над претходно направената противпожарна пресека кај Лопатица. Со контролираното палење успеале да го пресечат правецот на ширење на огнот и да спречат пламените јазици да продолжат кон Подмоље.
„Пожарната линија, која беше видлива од регионалниот пат Прилеп-Битола, е целосно изгасната. Активен е само уште еден крак високо над селото Бонче“, изјави Ангелов.
Во гаснењето бил вклучен и тимот за брз одговор на ДЗС, составен од пожарникари од Битола и Кочани. Екипите во текот на ноќта се искачиле на ридовите над селата и гаснеле повеќе километри долга огнена линија.
Состојбата сепак останува под надзор. Ангелов предупреди дека со растот на температурите околу пладне постои ризик од повторно активирање на делови од пожариштето. На терен остануваат прилепските пожарникари и екипите со две возила „Пинцгауер“.
Пожарот во Мариово изминатите денови зафати голема површина и во одреден момент огнената линија се протегаше на околу 20 километри. Во селото Чаниште претходно изгореа неколку куќи и штали, но немаше повредени или загинати.
Според Ангелов, пожарот од мариовската страна сега е изгаснат или ставен под целосна контрола, а денеска екипите ќе се обидат целосно да го ликвидираат најголемиот пожар во досегашниот дел од сезоната.
