Филипче: Обвинителството ја кажа вистината

Претседателот на СДСМ Венко Филипче изјави дека одлуката на Обвинителството да го затвори предметот за јавните набавки за модуларните болници покажала дека немало злоупотреба на службената положба ниту штета за државниот буџет. Тој обвини дека ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски пет години го поврзувале со трагедијата во Тетово и го нарекувале „убиец“.

„Пет години Мицкоски и неговата криминална група ширеа лаги за мене, ме нарекуваа убиец. Обвинителството ја кажа вистината“, рече Филипче на прес-конференција.

Тој повтори дека жали за 14-те загинати во пожарот во тетовската модуларна болница во септември 2021 година и дека по трагедијата поднел оставка од функцијата министер за здравство како морален чин.

Филипче побара ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски да им се извинат на семејствата на загинатите, тврдејќи дека со години ја користеле трагедијата за политички напади.

„Мене не мора да ми се извинат. Да им се извинат на семејствата на загинатите затоа што пет години си поигруваат со нивните чувства, со нивните емоции и со нивната жал“, изјави Филипче.

ОЈО ГОКК вчера соопшти дека по речиси пет години проверки го затвора предметот што се однесува на јавните набавки за изградбата на 19 модуларни болници. Обвинителството не утврдило основано сомнение дека службено лице ја злоупотребило или пречекорило службената положба, ниту дека со набавките била нанесена значителна штета на буџетот.

Одлуката се однесува конкретно на постапките за јавните набавки и не значи дека со неа се опфатени сите постапки поврзани со самиот пожар во Тетово. За трагедијата се водеа одделни постапки, а двајцата поранешни директори на Клиничката болница Тетово, Флорим Бесими и Артан Етеми, во декември 2025 година добија по три години затвор за тешки дела против општата сигурност.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, ја оспори одлуката на ОЈО ГОКК и обвини дека шефот на Обвинителството Ислам Абази го „спасил“ Филипче од одговорност. Партијата останува на ставот дека треба да се испита одговорноста на поранешните функционери за модуларните болници.

Филипче на денешната прес-конференција ги отфрли ваквите обвинувања и најави дека политичката и правната одговорност на актуелната власт ќе биде една од темите со кои СДСМ ќе настапува во следниот период.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?