Рама за Пустец: „Циркуски трупи на балканскиот национал-фолклоризам“

Рама

Албанскиот премиер Еди Рама со остар и саркастичен статус реагираше на неинтонирањето на албанската химна на фолклорниот фестивал во Пустец, на кој присуствуваше премиерот Христијан Мицкоски. Случувањето го нарече „значајна пародија на нашите различни погледи на светот во овој дел од Европа“.

Рама застана во одбрана на градоначалникот на Пустец, Пали Колефски, кој претходно соопшти дека побарал од организаторите, покрај македонската, да биде интонирана и албанската химна, но неговото барање не било прифатено.

„Градоначалникот на Пустец, Пали Колефски, однапред побара да се свири албанската химна. Тој беше игнориран, а потоа се извини за грешка што не беше негова. Тој се покажа како достоен државник и граѓанин на европска Албанија, во чест на себе и на својата македонска заедница, за која сакаме само најдобро“, напиша Рама.

Колефски претходно појасни дека Општина Пустец не била организатор на фестивалот, туку била поканета на настанот. Според неговата изјава, организатор било здружението „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“, а тој уште пред почетокот побарал по македонската да биде изведена и албанската химна.

Албанскиот премиер во објавата посвети значителен дел и на положбата на Македонците во Пустец, нагласувајќи дека Албанија ја задржала општината со посебен статус токму поради малцинската заедница.

„За Албанија, малцинствата не се статистика, туку национално богатство, а малцинските граѓани не се бројки, туку браќа и сестри со исти слободи и права како и сите нас“, напиша Рама.

Во продолжение тој употреби далеку поостар речник, зборувајќи за повременото доаѓање во Албанија на, како што ги нарече, „циркуски трупи на балканскиот национал-фолклоризам“.

Рама порача дека ваквите појави не го загрозуваат суверенитетот или внатрешната политичка стабилност на Албанија и употреби изрази како „тројански мазги“ и „дијаспора извезена од соседството“, без конкретно да именува држава или политичка структура на која се однесуваат тие квалификации.

„Денес изразив искрено жалење за сите спонзори на овој древен циркус на знамиња во ерата на вештачката интелигенција“, напиша албанскиот премиер, додавајќи дека Албанија нема да одговара со истата мерка.

„Албанија, балканска Европа, никогаш не може и нема да си дозволи да ја спушти валутата на своите вредности на нивоата на пародијата на Пустец“, порача Рама.

Реакцијата следува откако албанското Министерство за Европа и надворешни работи оцени дека неинтонирањето на албанската химна е „сериозен пропуст“ и отстапување од правилата на протоколот и институционалната етика. Министерството нагласи дека присуството на македонскиот премиер и локалните функционери му дало на културниот настан посебна јавна димензија.

Мицкоски во Пустец присуствуваше на фолклорниот фестивал „Преспа 2026“, посветен на македонската култура, традиција и фолклор. Тој од Мала Преспа порача дека границите можат да ги поделат териториите, но не можат да ги избришат јазикот, културата и чувството на припадност.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?