По трагичната несреќа во Англија, Британија бара бришење на снимките со опасно возење

Седум лица загинаа во тешка сообраќајна несреќа на патот А66 во североисточна Англија, меѓу кои и двајца полицајци. По трагедијата, британскиот министер за одбранбена подготвеност Лук Полард побара од социјалните мрежи да ги отстранат снимките што го величаат опасното возење и незаконското однесување на патиштата. 

Несреќата се случила во близина на Мидлсброу, кога автомобил „фолксваген пасат“, кој претходно бил следен од полицијата, се движел во спротивна насока на коловозот и директно удрил во означено полициско возило.

Во судирот загинале полицајците Метју Блејдс, 37, и Том Клаф, 38 години, како и пет лица кои се наоѓале во патничкиот автомобил. 

Случајот предизвика дополнителна загриженост поради снимките што се појавуваат на социјалните мрежи, на кои се прикажува опасно возење со голема брзина и намерно возење во спротивна насока. Британските власти стравуваат дека ваквата содржина може да поттикнува млади луѓе да преземаат ризици за да добијат поголем број прегледи и допаѓања.

Полард ги повика ТикТок, Снепчет и другите платформи веднаш да ги отстранат содржините што го величаат ваквото однесување. Тој порача дека платформите мора да покажат дека можат самите да го регулираат опасниот материјал, во спротивно Владата е подготвена да ги искористи законските механизми за да ги принуди да реагираат. 

Британската Влада се повика и на Законот за безбедност на интернет, кој им дава дополнителни овластувања на надлежните институции во однос на штетната содржина на интернет. Владата предупреди дека платформите не треба да чекаат државата да интервенира, туку самите треба да ги отстрануваат содржините што поттикнуваат опасно однесување. 

Трагедијата во Англија доаѓа само неколку дена по слична несреќа во Ирска, во која загинаа пет тинејџери откако автомобил се движел во спротивна насока на автопат. И во тој случај се појавија информации за снимки со опасно возење поврзани со желбата за внимание на социјалните мрежи. 

Поради двата случаи, во Британија повторно се отвора прашањето дали социјалните мрежи доволно брзо ги препознаваат и отстрануваат содржините што прикажуваат опасно и незаконско возење, особено кога таквите снимки можат да станат пример за други корисници.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?