Исланд во сабота решава дали повторно ќе тргне кон ЕУ

Исланд в сабота, 29 август, ќе одлучува дали повторно да ги отвори преговорите за членство во Европската Унија, повеќе од една деценија откако процесот беше прекинат. Во Брисел внимателно го следат референдумот, кој може да донесе нова западноевропска кандидатура во момент кога ЕУ повторно силно го турка проширувањето.

Гласањето не е референдум за членство во ЕУ. Исланѓаните ќе одлучуваат само дали Владата треба повторно да започне пристапни преговори. Доколку одговорот биде позитивен и во иднина биде постигнат договор со Брисел, за самото членство ќе биде потребно уште едно изјаснување на граѓаните.

Резултатот засега е неизвесен. Последните истражувања покажуваат речиси совршено поделено општество – 46 отсто се за продолжување на преговорите, исто толку се против, а околу осум отсто сè уште немаат одлучено.

Исланд е специфичен кандидат бидејќи веќе е силно интегриран со Унијата. Земјата е дел од Европската економска област, учествува на единствениот европски пазар и е членка на Шенген. Еврокомесарката за проширување Марта Кос оцени дека ЕУ досега немала кандидат кој уште пред почетокот на процесот бил толку усогласен со европските правила.

За Брисел евентуалното враќање на Исланд има и пошироко политичко значење. Последната земја што влезе во ЕУ беше Хрватска во 2013 година, а процесите со Западен Балкан и источните кандидати се одолговлекуваат со години. Пристапување на богата и стабилна западноевропска држава би било силен политички сигнал дека Унијата повторно е способна да се проширува. Европски дипломати проценуваат дека позитивниот исход може да ја подобри и политичката атмосфера околу кандидатурите на Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија.

Дополнителна тежина има географската положба на Исланд во Северниот Атлантик и Арктикот. Во услови на зголемено руско воено присуство во регионот и поголема геополитичка неизвесност, Брисел го гледа островот и како важен безбедносен партнер.

Најтешкото прашање, сепак, останува рибарството.

За Исланд контролата врз сопствените води и рибните ресурси е едно од најчувствителните политички прашања и една од главните причини за силниот евроскептицизам. Противниците на членството стравуваат дека заедничката рибарска политика на ЕУ ќе го намали националниот суверенитет врз секторот кој има и економско и историско значење за земјата.

Кос веќе сигнализира дека Брисел е подготвен да бара специфично решение за Исланд.

„Свесни сме за важноста на риболовот за Исланд, не само за вашиот просперитет, туку и за вашиот живот како заедница и вашиот идентитет“, рече еврокомесарката.

Исланд првпат аплицираше за членство во 2009 година, по финансиската криза, а преговорите започнаа во 2010 година. По промената на власта процесот беше замрзнат во 2013 година, пред да бидат затворени најчувствителните прашања, меѓу кои и рибарството.

Тринаесет години подоцна, геополитичката и економската средина е значително променета. Поддржувачите на европската интеграција како аргументи ги наведуваат поголемата економска стабилност, можноста еден ден да се воведе еврото и поголемото влијание врз европските правила кои Исланд и сега во голема мера ги применува. Противниците сметаат дека земјата веќе ги има повеќето економски придобивки од ЕУ без да го отстапи суверенитетот во чувствителни области.

Затоа гласањето во сабота нема веднаш да го внесе Исланд во ЕУ. Но едно „да“ ќе ја отвори вратата што земјата ја затвори во 2013 година и ќе му даде на европското проширување нов, неочекуван кандидат.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?