Проверете дали сте во ризична зона, новата мапа ја покажува западнонилската треска по места

Граѓаните од утрово можат на едно место да проверат каде се регистрирани случаите на западнонилска треска, кои подрачја се означени како ризични и каде досега се спроведувале мерки против комарците. Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје ја пуштија новата интерактивна мапа во период кога во Македонија има 50 потврдени случаи и уште три сомнителни.

Интерактивната мапа е достапна на healthalert.mk, проверете ја состојбата тука.

На страницата се прикажуваат бројот на заразени, општините од кои доаѓаат пациентите, бројот на хоспитализирани, оздравени и починати, како и ризичните подрачја за комарци и досега преземените мерки. Клековски најави дека податоците постојано ќе се дополнуваат, а во системот во иднина треба да се вклучат и информации од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Според последниот пресек соопштен вчера, од 50 потврдени случаи, 18 пациенти со потврдена западнонилска треска во моментов се лекуваат на Клиниката за инфективни болести, а за уште тројца хоспитализирани се чекаат резултати. Шест лица се на интензивно лекување, додека 25 пациенти кои биле третирани на Инфективната клиника веќе се пуштени дома. Досега се регистрирани пет смртни случаи.

Клековски информираше и дека 52 од 53 лица кои прележале, се лекуваат или сè уште се водат како сомнителни развиле невроинвазивна форма на заболувањето. Еден пациент имал форма без зафаќање на нервниот систем и веќе е излекуван.

Паралелно со мапата, Министерството подготвило и ажурирано упатство за матичните лекари и за одредени клиники. Посебно внимание се бара кај пациентите кои користат имуносупресивна терапија, бидејќи кај нив дел од тестовите може да дадат лажно негативен резултат. Во такви случаи се препорачува користење повеќе тестови за потврда на инфекцијата.

Во Скопје вчера заврши и четвртата тура прскање против возрасни комарци. Авионското прскање беше извршено на 20 и 21 август, а земјеното од 20 до 26 август. Дополнително биле спроведени и шест вонредни третмани во подрачја каде што имало епидемиолошка индикација, меѓу кои Гази Баба, Драчево, Зелениково, Студеничани, Бутел и Ѓорче Петров.

Новата мапа треба да овозможи граѓаните секојдневно да ја следат состојбата во својата околина, особено во период кога бројот на заболени е значително поголем од минатата година. Клековски вчера посочи дека во истиот период во 2025 година биле регистрирани само два случаи

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?