Директорот на ЦИА Џон Ретклиф при ненајавената посета на Москва им пренел на руските власти предупредување да не преземаат чекори што би можеле да доведат до директна ескалација со НАТО, особено со балтичките држави Естонија, Латвија и Литванија, објавија американски медиуми повикувајќи се на извори запознаени со разговорите.
Според „Волстрит џурнал“, Вашингтон располага со нови разузнавачки проценки според кои Москва би можела да се обиде со ограничена акција, од сајбер напад до ограничен упад, да ја тестира решителноста на НАТО и подготвеноста на сојузниците да го активираат принципот на колективна одбрана.
„Политико“, пак, објави дека пораката на Ретклиф била конкретно насочена кон можноста за ескалација во Балтикот. Според изворите на медиумот, американскиот директор на ЦИА побарал Москва да избегне каков било потег кон Естонија, Латвија или Литванија што би можел да предизвика директна конфронтација со Алијансата.
Ретклиф во вторникот допатува во Москва со американски воен транспортен авион C-17. Посетата не беше најавена однапред, а авионот претходно слета во Латвија. Според јавно достапните податоци за летот, американската делегација останала во Москва околу осум часа.
Кремљ потврди дека шефот на ЦИА разговарал со претставници на руските разузнавачки служби, но нагласи дека не се сретнал со претседателот Владимир Путин. Портпаролот Дмитриј Песков, сепак, рече дека Путин бил информиран за содржината и исходот од разговорите.
Американските и руските власти официјално не ја објавија агендата.
Претседателот Доналд Трамп ја опиша посетата како „полурутинска“ и јавно негираше дека таа била поврзана со можен руски тест на НАТО или со Иран. Тоа е во спротивност со информациите што ги објавија повеќе американски медиуми повикувајќи се на неименувани извори од администрацијата и разузнавачката заедница.
Освен НАТО, во разговорите наводно бил отворен и Иран.
Според изворите цитирани од „Политико“, Вашингтон побарал Русија да ја намали воената и економската поддршка за Техеран. Москва и Техеран во последните години ја продлабочија воената соработка, додека САД се обидуваат дополнително да го изолираат Иран.
Посетата на Ретклиф добива дополнителна тежина поради историската паралела со ноември 2021 година.
Тогашниот директор на ЦИА Вилијам Барнс беше испратен во Москва од администрацијата на Џо Бајден за директно да го предупреди Кремљ за последиците од евентуална руска инвазија врз Украина. Неколку месеци подоцна, на 24 февруари 2022 година, Русија ја почна целосната инвазија.
Ретклиф е првиот актуелен директор на ЦИА за кој е познато дека ја посетил Москва по Барнс.
Новите американски проценки доаѓаат во период кога во Вашингтон продолжува загриженоста за долгорочните руски воени намери. Претходни американски разузнавачки проценки укажуваа дека стратешките цели на Путин не се ограничени само на Украина и дека Москва продолжува да гледа на делови од поранешниот советски простор како на своја сфера на влијание.
Сепак, нема јавни докази дека Русија веќе донела одлука за напад врз некоја членка на НАТО.
Информациите објавени од американските медиуми зборуваат за проценка на ризик и за превентивно предупредување од Вашингтон, а не за утврден руски план за воена операција против Алијансата.
Тоа разграничување е важно бидејќи напад врз Естонија, Латвија или Литванија би отворил сосема поинаква фаза на конфликтот. Сите три земји се членки на НАТО, а членот 5 од Северноатлантскиот договор предвидува нападот врз една членка да се третира како напад врз сите.
Токму поради тоа необјавеното патување на шефот на ЦИА во Москва се толкува како обид директниот канал меѓу американските и руските разузнавачки служби да се искористи за јасно поставување на границата која Вашингтон не сака Москва да ја премине.

