Повеќе од 50 професионални возачи од Србија биле вратени од границите на Шенген зоната само во последната недела поради ограничувањето на престојот на најмногу 90 дена во период од 180 дена, соопшти српското здружение „Меѓународен транспорт“.
Превозниците тврдат дека дел од возачите од Западен Балкан се соочуваат и со задржувања, депортации и забрани за повторен влез кога ќе го надминат дозволениот престој во Шенген.
Проблемот произлегува од тоа што професионалните возачи од земји што не се членки на ЕУ, меѓу кои Македонија и Србија, според сегашните шенгенски правила можат да престојуваат најмногу 90 дена во кој било период од 180 дена. Работата како меѓународен возач сама по себе не создава исклучок од ова правило. Европската комисија и претходно потврди дека правилото 90/180 важи за кратки престои на државјани од трети земји.
Транспортните компании предупредуваат дека ваквиот режим е тешко применлив за возачите кои поради природата на работата редовно влегуваат и излегуваат од земјите на ЕУ.
Во европските документи веќе е препознаен проблемот со професионалните возачи од трети земји и потребата од подобри решенија за нивно вклучување на европскиот транспортен пазар, кој истовремено се соочува со недостиг на работна сила. Конкретен исклучок од правилото 90/180, сепак, сè уште не е воведен.
Поради тоа превозниците од Србија, Македонија, Босна и Херцеговина и Црна Гора најавија заеднички протест.
На 31 август се планирани мирни собири пред делегациите на Европската Унија во четирите земји, а доколку не биде најдено решение, од 14 септември се најавуваат протести и блокади на граничните премини кон ЕУ.
Превозниците од регионот и претходно бараа професионалните возачи да бидат третирани како посебна категорија и времето поминато во Шенген при извршување транспорт да не се пресметува на ист начин како туристички или приватен престој.
Сегашното правило е особено чувствително за транспортните компании од Западен Балкан бидејќи голем дел од нивниот меѓународен превоз се одвива кон или низ земјите од Европската Унија.

