ВИДЕО: Прилеп веќе има медал од Таранто: Белистојаноски се бори за злато

Белистојаноски се бори за злато на Медитеранските игри „Таранто 2026“, откако прилепскиот каратист денеска со три убедливи победи се пласира во финалето во кумите до 67 килограми. Матеј веќе обезбеди најмалку сребрен медал за Македонија, а решавачката борба е закажана за 14:25 часот.

Дваесет и едногодишниот Белистојаноски до финалето стигна со вкупен резултат од 13:2 во освоени поени, оставајќи зад себе тројца противници од Сирија, Италија и Грција.

Во осминафиналето го совлада Мустафа Алмасалмех од Сирија со 6:1, а во четвртфиналето беше подобар од италијанскиот каратист Лука Мареска, кого го победи со 2:0.

Сигурниот настап го продолжи и во полуфиналето. Со убедливи 5:1 го совлада Георгиос Балиотис од Грција и го потврди пласманот во борбата за највисокото место на победничкиот подиум.

Во финалето Белистојаноски ќе се соочи со хрватскиот репрезентативец Боран Берак. Според актуелната официјална програма, борбата за златниот медал треба да започне во 14:25 часот во спортската сала „Карол Војтила“ во Мартина Франка.

Белистојаноски е прилепчанец, а првите големи чекори во каратето ги направи како член на „Спорт 94 – Прилеп“. Денес настапува за клубот „Олимпик“, а годинава веќе стана европски шампион до 21 година во категоријата до 67 килограми.

Македонија во карате на Медитеранските игри ја претставуваат уште Вероника Костовска, која треба да настапи во категоријата до 61 килограм, и Стефан Стојановиќ, чиј настап во категоријата над 84 килограми е предвиден за утре.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?