Запленети 4 километри забранети мрежи и 117 килограми риба во незаконски риболов во Охридското Езеро

Охридското

Повеќе од четири километри рибарски мрежи и речиси 117 килограми уловена риба се пронајдени во водите на Охридското Езеро во рамки на акциска контрола против незаконскиот риболов, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Охридско Езеро на 1 септември спровеле акциска контрола во водите на езерото, со цел откривање и спречување на кривичното дело „незаконит риболов“, како и пронаоѓање на забранети рибарски мрежи и друг риболовен алат.

На потегот меѓу струшките села Калишта и Радожда, полициските службеници пронашле 20 таканаречени висечки рибарски мрежи, чија употреба за лов на риба е најстрого забранета.

Вкупната должина на пронајдените мрежи изнесувала околу 4.000 метри, а во нив биле заробени 872 парчиња риба, односно Охридска белвица, со вкупна тежина од 116,9 килограми.

По насоки на јавен обвинител, припадниците на езерската полиција, заедно со полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Запад, ги подигнале мрежите и уловот од езерото.

За случајот бил известен и надлежниот инспекторат за рибарство.

Од МВР најавуваат дека контролите на Охридското Езеро ќе продолжат и во наредниот период. Полициската станица за граничен надзор Охридско Езеро ќе спроведува засилени акции со цел откривање на лицата кои вршат незаконит риболов, но и за заштита на рибниот фонд.

Случајот повторно го отвора прашањето за притисокот врз рибниот фонд на Охридското Езеро, особено врз охридската белвица, еден од препознатливите и најзначајни видови риба во езерскиот екосистем.

Полицијата во конкретниот случај не соопшти дали се идентификувани или приведени лица кои ги поставиле мрежите, ниту дали е поднесена кривична пријава. Истрагата треба да утврди кој стои зад незаконскиот улов.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?