Агенцијата за филм наплатила околу 24 милиони денари од продукции и други правни лица што не ги реализирале поддржаните проекти во законскиот рок. Имињата на корисниците, проектите и поединечните износи сè уште не се објавени.
Агенцијата за филм наплатила околу 24 милиони денари, односно приближно 390.000 евра, од продукции и други правни лица што добиле јавни средства, но не ги реализирале проектите во рок од пет години. На денешниот брифинг директорот Сашко Мицевски соопштил и дека 18 кинопроектори набавени за домовите и центрите за култура биле недоволно користени, при што ламбата на еден од нив забележала само 17 часа работа за цела деценија.
Двете бројки отвораат иста тема – што се случува со јавните пари откако ќе бидат доделени за филмски проекти, културна опрема и ширење на филмската понуда надвор од Скопје.
Дел од парите биле присилно наплатени
Според информациите од брифингот, средствата биле враќани доброволно, преку извршители и со други правни механизми. Дел од правните лица побарале долгот да го отплаќаат на рати, а на некои не им било дозволено учество во првиот конкурс за поддршка на проекти во 2026 година.
„Дел од нив си ги вратија, дел од нив, за жал, мораа да бидат присилно наплатени“, изјавил Мицевски.
Тој најавил дека против субјектите што нема да ги вратат парите ќе бидат употребени сите расположливи правни механизми, вклучително и постапки за присилно отворање стечај.
Агенцијата, меѓутоа, не ги соопштила имињата на продукциите и другите правни лица, насловите на нереализираните проекти, годините во кои биле одобрени ниту поединечните износи. Не е познато ни колкав долг сè уште не е наплатен.
Мицевски рекол дека податоците ќе бидат објавени на новата веб-страница на Агенцијата. До тогаш јавноста располага само со вкупниот износ, без можност да провери кој добил пари, што требало да реализира, колку вратил и колку време поминало пред да биде активирана наплатата.
Нереализирани проекти имало уште од 2009 година
Проблемот со незавршените проекти не е нов. Државниот завод за ревизија, при проверката на базата за периодот од 2009 до 2021 година, утврдил дека Агенцијата немала навремена и ажурна евиденција за реализацијата на проектите, роковите и банкарските гаранции.
Ревизорите констатирале дека во базата имало нереализирани проекти уште од 2009 година, без податоци зошто не биле затворени. Во 2021 година продуцентите на повеќе проекти биле задолжени да вратат вкупно 69,42 милиони денари. За четири претходно донесени одлуки, поврзани со 7,58 милиони денари исплатени за проекти од 2010 година, не биле изготвени решенија за задолжување на продуцентите.
Без објавување на списокот не може да се утврди дали сега наплатените 24 милиони денари се дел од овие побарувања или се однесуваат на други проекти.
И ревизијата за 2024 година забележала доцнење во контролата на наменското трошење, неажурни евиденции и непочитување на роковите. ДЗР потсетил дека член 36 од Законот за филмската дејност предвидува проектите да бидат реализирани во рок од пет години, без можност за негово продолжување.
Агенцијата тогаш одговори дека ревизијата се однесува на работењето до крајот на 2024 година, пред мандатот на актуелното раководство. Во ноември 2025 година соопшти дека почнала целосен попис на средствата, побарувањата и обврските и дека во текот на годината ги намалила обврските за 20 проценти.
Проектор работел просечно 102 минути годишно
Вториот податок од брифингот го отвора прашањето за пристапот до македонскиот филм надвор од главниот град.
Агенцијата утврдила дека 18-те проектори дадени на домовите и центрите за култура биле недоволно користени. Кај еден уред биле регистрирани само 17 часа работа за десет години. Тоа е просечно 1,7 часа, односно 102 минути годишно – приближно колку времетраењето на еден долгометражен филм.
Не било соопштено во која установа се наоѓал тој проектор.
Опремата сега е преземена од Агенцијата. Планот е проекторите да бидат сервисирани и повторно дадени на установите, но под услов најмалку еднаш неделно да прикажуваат македонски филм.
Нема информации колку од уредите се исправни, какви дефекти имаат, колку ќе чини нивното сервисирање и кој ќе го покрие трошокот. Не е познато ниту дали сите установи располагаат со соодветни сали, озвучување, обучени оператори и буџет за редовна филмска програма.
Опрема вредна 12,78 милиони денари
Според Државниот завод за ревизија, киноопремата набавена во 2012 и 2013 година вредела 12,78 милиони денари и била дадена на 14 национални и четири локални установи од културата.
Роковите за времено користење истекувале, но со години не биле донесени сите потребни одлуки за нејзино враќање или за продолжување на договорите. Во 2021 година било проценето дека за поправка на дел од проекторите се потребни 1,61 милион денари. Во ревизијата за 2024 година повторно било наведено дека од Владата не бил добиен одговор за начинот на постапување со опремата.
Првичниот проект за дигитализација ги опфаќал центрите во Куманово, Охрид, Струга, Прилеп, Крива Паланка, Неготино, Кочани, Делчево, Тетово, Гостивар, Дебар, Кичево, Струмица и Велес. Сегашната локација и состојба на сите 18 уреди не се јавно наведени.
Слабата искористеност била забележана и во годишниот извештај на Агенцијата за 2017 година. Податоци за киноприкажување тогаш доставиле само центрите во Куманово, Гостивар и Македонски Брод. Кочани известил дека нема проекции поради прегорена ламба, а од другите центри немало информации.
Трите установи што пријавиле активност во текот на целата година имале само осум проекции и 407 продадени билети.
Најавената обврска за една проекција неделно ќе може да се следи само ако Агенцијата објавува распоред, број на проекции и посетители, состојба на опремата и податоци за тоа кои установи го исполнуваат условот.

