СДСМ бара македонското Обвинителство веднаш да отвори предмет за кредитот од една милијарда евра договорен со Унгарија, откако, според партијата, унгарските надлежни институции отвориле истрага поврзана со работењето на Ексимбанк.
На денешната прес-конференција, членот на Извршниот одбор на СДСМ, Андреј Жерновски, рече дека македонските институции мора да ги проверат сите околности околу кредитот, вклучително и договорите, потеклото и текот на парите, како и компаниите што добиле средства.
„Не може земјата којашто е крајниот корисник на овие пари, не може земјата којашто го зема кредитот и не може земјата чиишто граѓани ќе го враќаат овој кредит да не отвори истрага за овој предмет“, изјави Жерновски.
Тој се повика на објавени информации според кои унгарското национално истражно биро одзело илјадници страници документација поврзана со работењето на Ексимбанк.
Според Жерновски, токму ова отвора дополнителни прашања за кредитот што Владата го договори со Унгарија, особено за начинот на кој е склучена зделката и за потеклото на средствата.
Од СДСМ повторно го отвораат и прашањето дали средствата со кои е финансиран кредитот имаат врска со кинески капитал, имајќи предвид дека, како што тврди партијата, Унгарија непосредно претходно земала средства од Кина.
„Кое е потеклото на овие пари? Дали се тоа парите коишто се дојдени од Кина, коишто непосредно претходно, пред да го добиеме кредитот како држава, се земени од страна на Унгарија, од Кина?“, праша Жерновски.
Тој оцени дека Владата досега не дала доволно одговори за начинот на кој е договорен кредитот, кој ја договорил зделката, какви провизии биле предвидени и дали постојат дополнителни трошоци.
Од СДСМ бараат македонските правосудни институции да побараат информации од унгарските надлежни органи и да ги проверат сите околности поврзани со кредитот.
„Договорите, потеклото на парите, текот на парите. Исто така, што е многу битно, каде завршија овие пари. Кои компании добија средства од овој кредит?“, рече Жерновски.
Тој порача дека Обвинителството не смее да остане немо и дека секое понатамошно отсуство на реакција, според него, ќе отвора дополнителни сомнежи.
СДСМ, преку Жерновски, го поврза прашањето за унгарскиот кредит и со зголемувањето на јавниот долг, но и со пошироките економски и геополитички врски на Владата.
„Не може една милијарда евра да бидат таен договор помеѓу Мицкоски и Орбан. Бидејќи оние што ќе го враќаат овој кредит, а тоа се граѓаните на нашата држава, имаат право да ја дознаат вистината“, порача Жерновски.
На крајот од прес-конференцијата тој повика на институционална истрага, со порака дека „доаѓа време за вистина и доаѓа време за правда“.

