СДСМ: Euronews Македонија веќе присуствува на владини настани, а нема дозвола за работа

СДСМ

Кузеска прашува како екипа на Euronews Македонија присуствувала на прес-конференција во Владата и бара одговори од АВМУ и Финансиската полиција.

СДСМ обвини дека медиуми од српската медиумска мрежа веќе започнале со работа во Македонија, иако, според опозициската партија, за дел од нив сè уште не се завршени потребните регулаторни постапки.

Портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска, на прес-конференција посочи дека пред два дена на прес-конференција во Владата присуствувала и екипа на Euronews Македонија.

„Како присуствуваат кога сè уште немаат дозвола за работа?“, праша Кузеска, според соопштението на СДСМ.

Од опозициската партија велат дека со присуството на екипата на официјален владин настан се отвора прашањето дали Владата веќе го третира Euronews Македонија како телевизија и дали на медиумот му овозможува пристап до владините активности и покрај незавршените регулаторни процедури.

СДСМ потсетува и на претходните реакции во јавноста околу влезот на српски медиумски компании на македонскиот пазар.

Партијата тврди дека по реакциите на македонските телевизии било соопштено оти Финансиската полиција отворила предмет, додека Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) ја запрела постапката.

Кузеска праша дали истрагата продолжува и побара институциите да одговорат како медиумите од оваа мрежа функционираат во Македонија.

„Што прави АВМУ?“, праша Кузеска, барајќи одговор и од директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски.

Од СДСМ тврдат дека станува збор за поширок процес на промена на медиумскиот простор во земјата и го поврзуваат со политиките на Владата на Христијан Мицкоски.

Партијата оцени дека Македонија се соочува со опасност од „медиумски мрак“ и ја обвини Владата дека дозволува, како што велат од СДСМ, ширење на политики спротивни на европската ориентација на земјата.

Кузеска дополнително ги поврза овие обвинувања со неодамнешните реакции околу ставовите на владини претставници кон историски личности и политики во регионот, оценувајќи дека станува збор за дел од поширока политичка матрица.

„Едно е јасно, медиумите на Вучиќ веќе се во македонскиот етер. Тече анти-македонска и анти-ЕУ пропаганда. Еврокомесарката Марта Кос, вчера ја откажа посетата на Србија, поради истите политики на Мицкоски и Стоилковиќ – величење на Ратко Младиќ“, нагласи Кузеска.

СДСМ го обвини Мицкоски и дека следи модел на политичко влијание врз медиумскиот простор, при што партијата прави паралела со периодот пред 2017 година.

„Нема да дозволиме Македонија повторно да се врати во времето на Груевски“, порача опозициската партија.

Од СДСМ велат дека ќе продолжат да ги поддржуваат независните медиуми и новинарите и ја нагласија, како што наведуваат, својата заложба за слобода на медиумите и слободата на говорот.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?