Изгледа како огромна дупка отворена среде вселената, но зад новата фотографија на телескопот Hubble се крие бурен процес на создавање и умирање ѕвезди. Снимката ја покажува маглината N44 во Големиот Магеланов Облак, оддалечена околу 160.000 светлосни години од Земјата.
Темната празнина во центарот не е црна дупка. Станува збор за таканаречена „супершуплина“ со димензии од приближно 210 на 140 светлосни години.
Неа ја создале масивните ѕвезди во средиштето на N44. Со моќните ѕвездени ветрови и експлозиите на супернови тие исфрлиле огромни количества гас, оставајќи ја зад себе празнината што доминира на фотографијата.
Но, додека во центарот изгледа како нешто да исчезнало, на рабовите започнува нов циклус. Исфрлениот гас се наталожил во густа обвивка, а неговото компресирање создало услови за раѓање нови ѕвезди.
Токму затоа N44 е особено важна за астрономите. Hubble во овој регион регистрирал речиси половина милион ѕвезди, меѓу кои околу 30.000 млади ѕвезди што сè уште не почнале да го претвораат водородот во хелиум во своите јадра.
Облаците на фотографијата светат затоа што гасот е изложен на силното ултравиолетово зрачење од масивните ѕвезди. Така, она што на прв поглед личи на празнина среде космичка пустина, всушност е огромна сцена на која истовремено се гледаат последиците од ѕвездената смрт и почетокот на нови ѕвездени животи.

