Вкупно 24 пожари на отворен простор се регистрирани до 18 часот, од кои осум се активни, пет се под контрола, а 11 се изгаснати, информира Центарот за управување со кризи.
Најсериозна е состојбата со пожарот кај селата Грачани и Никиштани во Општина Ѓорче Петров, каде што гори шума, а пожарот е активен и на територијата на Република Косово.
Активен пожар има и во Општина Македонски Брод, во месноста Кајорец, кон селото Брезница, кај репетиторот, каде што гори нискостеблеста и мешана шума.
Во Општина Чучер-Сандево активен е пожарот кај селото Брест, во месноста Рамно, каде што е зафатена мешана шума.
Пожар е активен и кај селото Ногаевци во Општина Градско, каде што гори ниска вегетација, грмушки и борова шума.
Во Општина Струга активен е пожарот кај селото Подгорци, каде што гори ниска вегетација и мешана шума.
Пожарот кај селото Матејче во Општина Липково е активен и зафатил мешана ниска шума.
Во Општина Маврово и Ростуше активен е пожарот на местото викано Чавкарник, над Маврово, каде што гори ниска вегетација, пасишта и мешана шума.
Осмиот активен пожар е регистриран во Општина Кичево, кај селата Кнежино и Добреноец, каде што гори нискостеблеста шума.
Пет пожари се под контрола
Според ЦУК, пет пожари во текот на денот се ставени под контрола.
Во Општина Струга, пожарот на потегот Буринец–Локов–Селци зафатил нискостеблеста шума.
Во Општина Македонски Брод, кај селото Брезница, пожарот зафатил ниска вегетација и помошен објект.
Под контрола е и пожарот кај селото Копаница во Општина Сарај, каде што гори нискостеблеста шума и ниска вегетација.
Во Кратово пожарот е на депонија, додека во Делчево под контрола е пожарот на градската депонија.
Во текот на денот изгаснати 11 пожари
ЦУК информира дека до 18 часот се изгаснати вкупно 11 пожари.
Во Општина Неготино е изгаснат пожарот кај селото Црвени Брегови, каде што горела ниска вегетација.
Во Општина Гази Баба е изгаснат пожарот на улицата „Перо Наков“, каде што гореле ниска вегетација и ѓубриште.
Изгаснати се и пожарите кај селата Милетино и Радиовце во Општина Брвеница, како и кај селото Равен и селото Форино во Општина Гостивар.
Во Куманово се изгаснати два пожара – во населбата Бедиње, покрај железничката пруга, каде што горела ниска вегетација, и на улицата „Ѓорче Петров“, каде што горело ѓубре.
Во Општина Липково е изгаснат пожарот кај селото Ваксинце, каде што горело стрниште.
Изгаснати се и пожарите кај селото Ротино во Општина Битола, кај Ново Лагово во Општина Прилеп и кај Манастирско Доленци во Општина Кичево.
Според најновиот извештај на ЦУК, вкупно 24 пожари на отворен простор биле регистрирани до 18 часот на 5 септември, при што осум остануваат активни.

