Европа повлекува тони злато од Северна Америка, што се крие зад потегот?

Европа повлекува тони злато од Северна Америка во период на војни, трговски судири и политичка неизвесност. Последна реагираше Холандија, чија централна банка префрли 86 тони злато од Њујорк и Отава во Лондон, со образложение дека резервите мора да бидат подостапни во случај на тешка криза.

Преместувањето било спроведено од март до август годинава. Холандската централна банка располага со 612,4 тони злато, проценето на 72,2 милијарди евра на крајот од 2025 година, а околу половина од резервите претходно биле чувани во САД и Канада.

Но, сите 86 тони не патувале преку Атлантикот во блиндирани конвои. Околу 59 тони биле продадени во Њујорк, а истото количество било купено во Лондон. Повеќе од 27 тони физички биле префрлени од Северна Америка во холандскиот трезор во Зејст, додека слично количество од Холандија било испратено во Лондон.

Причината за оваа сложена операција е ликвидноста. Златото во Банката на Англија ги исполнува современите стандарди за меѓународно тргување и во криза може побрзо да се продаде или да се употреби како гаранција. Резервите во Њујорк и Отава, според холандската банка, не можат толку брзо да се активираат.

По промената, Лондон чува 32,1 процент од холандското злато, додека уделот во Њујорк и Отава е намален на по 18,5 проценти. Во Холандија остануваат 30,8 проценти од резервите. Вкупното количество злато не се променило, променети се само местото и формата во која се чува.

Сличен потег претходно направи и Франција. Француската централна банка замени 129 тони постари златни прачки чувани во Њујорк со злато што ги исполнува новите трговски стандарди и сега се чува во Париз. Француските власти нагласија дека операцијата била направена поради полесно тргување, а не како политичко дистанцирање од САД.

Во Германија, пак, повторно се отвори дебата дали околу една третина од националните златни резерви треба и натаму да останат во Њујорк. Дел од економистите бараат враќање на златото поради променетите односи со Вашингтон, но Бундесбанк тврди дека резервите се безбедни и засега не најавува ново повлекување.

Податоците на Светскиот совет за злато покажуваат дека централните банки во просек купувале по околу 1.000 тони годишно во последните четири години, двојно повеќе од просекот во претходната деценија. Дури 89 проценти од анкетираните централни банки очекуваат глобалните резерви дополнително да растат, а сè повеќе институции ги распределуваат меѓу домашни и странски трезори.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?