Тамара Тодевска ја објави песната „До крајот на светот“, едно од најемотивните изданија од новиот албум „Кукла жива“, во кое љубовното ветување од насловот се претвора во приказна за врска во која чувствата постојат, но повеќе не се доволни за таа да продолжи.
Песната зборува за моментот кога човек сфаќа дека, и покрај љубовта и сè што вложил во еден однос, понекогаш доаѓа точка по која нема враќање. Токму таа граница меѓу љубовта, разочарувањето и прифаќањето е во центарот на новата песна.
„До крајот на светот“ е дел од албумот „Кукла жива“, објавен на 3 септември, кој содржи десет песни. Музиката и текстот ги потпишуваат Тамара Тодевска и Коста Петров, додека албумот е замислен како збир од лични приказни инспирирани од различни периоди од животот и кариерата на пејачката.
Тодевска неодамна изјави дека текстовите на новиот албум се инспирирани од нејзиниот живот и 25-годишната кариера, но дека во нив можат да се препознаат и многу други луѓе.
„До крајот на светот“ доби и визуелна верзија во режија на Мартин Трајановски, а како креативен директор е потпишан Коста Петров. За кореографијата се погрижи Dance Studio „Eureka“.
Со „Кукла жива“ Тамара овојпат оди подалеку од класичен поп-албум. Песните се поврзани со љубов, разделби, лични пресврти, јавни осуди и моменти од нејзината кариера, а секоја носи сопствена визуелна приказна.
„До крајот на светот“ за само неколку дена привлече внимание и на музичките платформи, а судејќи според реакциите, токму темата за љубовта која останува и кога врската завршува е она во што најголем дел од публиката се препознава.

