Навивачите велат дека не биле вклучени во формирањето на клубот и порачуваат дека нивното име и обележја нема да се појават на трибините.
„Мајмуни“ ја бојкотираат новата Победа уште пред нејзиниот прв натпревар. Навивачката група НК „Мајмуни Прилеп 1997“ соопшти дека организирано нема да присуствува на натпреварите на новоформираниот ГФК Победа 2026, бидејќи, според нивните сознанија, во клубот се вмешани луѓе од политиката.
„Нашиот став отсекогаш бил јасен. Спортот треба да биде спорт, а не место за политички интереси и влијанија“, порачаа од навивачката група.
Од „Мајмуни“ тврдат дека биле целосно игнорирани при формирањето и активирањето на ГФК Победа 2026. Велат дека никој не ги информирал, консултирал или прашал за став, иако со години организирано го поддржуваат името Победа.
„Сè додека политиката има свое место во спортот и во клубовите што го носат името Победа, НК Мајмуни Прилеп 1997 нема да даде поддршка на таков клуб“, се наведува во нивната реакција.
Навивачите потсетуваат на претходните разочарувања и проблеми поврзани со прилепскиот фудбал. Во соопштението споменуваат и наводно местени натпревари, поради што бараат името Победа да не се користи за лични или политички интереси. За овие нивни тврдења засега нема објавена официјална реакција од новиот клуб.
Од другата страна, ГФК Победа 2026 ги повика прилепчани на својот прв натпревар, закажан за сабота, 12 септември, во 16 часот и 30 минути на Градскиот стадион „Гоце Делчев“. Клубот го претстави натпреварот како почеток на „нова приказна“ и ги повика граѓаните да дојдат на стадионот.
„Мајмуни“ истовремено тврдат дека располагаат со информации оти повторно била активирана „старата Победа“, која би требало да се натпреварува во Четвртата А лига. Групата нагласува дека ова сè уште не е официјално потврдено, но најавува поддршка доколку информацијата се покаже како точна.
Секој член на групата може индивидуално да присуствува на натпреварите на ГФК Победа 2026, но без нејзиното име и обележја. За организирано присуство ќе биде потребна заедничка одлука на навивачката група.
„Без политика во спортот! За вистинската Победа!“, гласи завршната порака на „Мајмуни Прилеп“.

